Вашингтон соопшти дека е договорено буџетот на оваа организација во наредната година да биде помал за 285 милиони долари, со што почнаа да се остваруваат предупредувањата на американската влада дека ќе ја намали финансиската помош заради непослушноста спрема САД во светската организација.
Одлуката ја соопшти американската амбасадорка на Ист Ривер, Ники Хејли, која што изјави дека „неефикасноста и расипништвото“ на ОН се познати на далеку и дека нема повеќе да дозволува „да се искористува великодушноста на американскиот народ“.
Пред гласањето во ОН за Ерусалим, Хејли предупреди дека ќе запишува како гласа секоја земја и дека ќе им се скрати помошта на сите оние кои што зависат од финансиската поддршка на Вашингтон, а кои што во ОН гласале против САД.
Според Повелбата на ОН, САД се одговорни за 22 отсто од годишниот оперативен буџет на оваа организација, или околу 1,2 милијарди долари во 2017-18 и 28,5 отсто од трошоците за мировни операции, кои што се проценети на 6,8 милијарди долари во текот на истиот период.
„Нека гласаат против нас. Ќе заштедиме многу", рече Трамп пред гласањето.
Генералното собрание гласаше 128 наспроти 9 гласа во корист на резолуцијата во која се осудува признавањето на Ерусалим како главен град на Израел.
По стапките на САД, засега тргна само Гватемала која реши да ја следи одлуката на САД да ја премести својата амбасада во Ерусалим.