Сирија ја чека косовско решение?

Затоа што расправата во О.Н. околу Сирија е на слично ниво како на времето со Србија (САД сакаат да бомбардираат, Русите не даваат да се мрдне), администрацијата на Обама ја разгледува опцијата работата да се заврши со бомбардерите на НАТО. Целата ситуација се вжешти по неодамнешниот хемиски напад во Сирија, слично како што работите во Србија се вжештија по масакрот во Рачак.

Дилемата на САД е дека ако тие нападнат на своја рака и без поддршка од О.Н. дали ќе имаат меѓународна коалиција која ќе ги поддржи во целата работа.

Според високи претставници на администрацијата на Обама, преседанот со Косово е една од разговараните теми на состаноците во Белата Куќа околу кризата во Сирија.

Во 1999-та, во речиси иста ситуација во О.Н. Бил Клинтон го искористи инцидентот во Рачак за да го оправда 78 дневното бомбардирање на Србија. Според поранешниот амбасадор на САД во НАТО, Иво Далдер, Обама може по иста основа како и Клинтон да нареди воздушен напад.

Дури и на терен, во Медитеранот, регионалниот командант на американската морнарица го откажа закажаното влегување во пристаништето во Наполи за еден од американските разурнувачи, со цел тој да биде достапен за поддршка на друг разурнувач кој веќе е во близина на Сирија. И двата брода се наоружани со Томахавк проектили, кои веројатно би биле лансирани како претходница на која било воена акција во Сирија.

Во инцидентот кој може да послужи за евентуално оправдание, меѓу 500 и 1.000 луѓе загинаа во напад со хемиско оружје кој наводно е извршен од сириската армија. Она "наводно" е затоа што повеќе страни, меѓу кои и руската влада изрази сомневање околу вистинитоста на нападот, бидејќи првите снимки од него на ЈуТјуб се појавуваат на 20-ти август, а масакрот во Сирија се случува на 21-ви август.

Сепак целата теорија за завера ја расчисти Њујорк Тајмс кој објаснува дека без разлика од каде ги аплоудирате видеата, ЈуТјуб истите ги објавува со калифорниско време (каде што е седиштето на компанијата). Па ако видеото било објавено во Сирија по полноќ на 21-ви август, тоа ќе има датум и време од Калифорнија или минус 8 часа.

24 август 2013 - 17:07