Што се случи со милијардите на Маркос?

По 21 година владеење, едно февруарско утро во 1986-та, Фердинанд и Имелда Маркос бегаат од Филипините, токму во моментот кога армијата и народот се вртат против нив. Ова им е една од последните можности да излезат во земјата. Двајцата придружени со два преполни Ц-141 транспортни авиони слетуваат во американска воена база на Хаваи.

Документот на американската царина за оваа пратка има 23 страни. Брачниот пар со себе во Хаваи понесува: 23 дрвени сандаци, 12 куфери и торби, и најразлични кутии "чија содржина вклучува доволно облека за да наполни 67 полици," 413 парчиња накит, статуа од бебе Исус изработена од слонова коска на која тој носи дијамантско ланче, 24 цигли злато со посвета "За мојот сопруг за нашата 24-годишнина," и над 23 милиони тазе отпечатени филипински пезоси. Сето ова некаде во вредност од 15 милиони долари.

Иако само по себе и оваа пратка е еднаква на богатство, подоцнежната истрага покажува дека Маркос за време на своето владеење собрале 650 пати поголемо богатство, чија вредност изнесува околу 10 милијарди долари. Во сите 21 година на власт Маркос ниту еднаш не ја зголемува својата плата над 13.500 долари годишно.

Една од првите одлуки по соборувањето на Маркос, е основањето на Претседателската комисија за добра влада (ПЦГГ - Presidential Commission on Good Government, PCGG), чија задача е "да го открие и врати украденото богатство од поранешниот претседател, неговото семејство, роднини и блиски соработници."

30 години подоцна ПЦГГ се уште работи. Има вкупно 94 членови, годишен буџет од 2,2 милиони долари и чисто за симболика сместено е во една од зградите на семејството Маркос.

"Неговите вработени успеаа да откријат пари низ цел свет и се борат за нив низ стотици судски случаи. И сепак нешто катастрофално се случува: до ден денес, ПЦГГ успева да врати само делче од она што беше украдено од мрежата на Маркос; и никој до сега нема добиено затворска казна за своето учество во криминалот," пишува Ник Давис во текстот за Гардијан.

Давис добива пристап до архивата на ПЦГГ, во која се собрани 3 децении работа на комисијата. Тој објаснува дека не се работи за митовите за Имелда Маркос која купува парфем на галон, и која се обидува да ја купи Тифани енд Ко. "Во овој циркус таа е само кловн, нејзината лудачка потрошувачка служи само за одвлекување на вниманието од големото чудовиште кое избега од кафезот."

"Она што е најважно за Маркос е дека тој го изврши својот криминал како политичар. Неговата кариера започнува со цинизам кој денес е сосема препознатлив - манипулирање на гласачите, користење на парите да купи моќ, а моќта за да направи пари. Меѓутоа тој прави еден голем чекор понатаму во спојување на политиката и финансиите, претворајќи ги инструментите за владеење во една огромна машина за кеш. Маркос беше модел за политичар крадец," пишува Давис.

Документите на ПЦГГ покажува дека на почетокот од кариерата Маркос е прилично наивен во својот криминал. Благодарејќи на вреќи пари од неговите финансиери и помош од ЦИА тој успева да биде избран за Конгресот, а подоцна и за Сенатот. Тогаш тој уште не е ништо поразличен од останатите политичар, "само уште еден 'г-дин Десет проценти' кој го продава своето политичко влијание."

Во 1965-та кога тој станува Претседател Десет проценти, се зголемува сумата што тој ја добива од владините проекти, меѓутоа плафонот на измамата во тој период се некои 215.000 долари што ги става на сметка на свое име во банка во Њујорк.

Во 1968-ма тој и Имелда ги прават првите чекори кон потаинствено работење отворајќи четири банкарски сметки во Кредит Свис под друго име, на кои ставаат околу 950.000 долари. До февруари 1970-та, овие сметки се толку преполнети, што тие додаваат уште едно ниво на притајување, префрлајќи ја сопственоста врз сметките на фондација регистрирана во Линхтенштајн. Според Давис ова е моментот кога Маркос стануваат стварно мудри.

Следниот голем пресврт е 21-ви септември 1972-ра, кога Фердинанд Маркос прогласува воена состојба. Во исти ден тој го затвора конгресот, ги апси политичките противници, ја презема контролата на медиумите и судовите, и ги укинува сите граѓански права. Како што објаснува еден од членовите на ПЦГГ, на ден со ваква гужва, Маркос има време да отвори уште една сметка во швајцарска банка.

По ова, во следните 9 години (се до неговиот прогон), се проценува дека 34.000 синдикалци, студентски лидери, писатели и политичари е измачувани со електрични шокови, врело железо или силување, а лешовите 3.240 мажи и жени се фрлени на јавни места низ земјата, додека 398 други засекогаш исчезнуваат.

Во ова време Маркос не зема поткуп, туку почнува да краде цели компании, најдиректно користејќи го целиот апаратус што му е на располагање. Тој во еден момент го сака националното електро-стопанство, кое е во сопственост на Еугенио Лопез, првиот човек на едно од семејствата кое со векови управува со земјата. Маркос го обвинува синот на Лопез за обид за атентат на претседателот, за што следува смртна казна. По ова Лопез прифаќа да ја продаде компанијата за 50% од вредноста.

Сепак најголемиот дел од преземањата не вклучуваат никакво насилство. Воената состојба буквално му дозволува на Маркос да пишува какви сака закони, и инстантно да ги спроведува. Кога сака да ја преземе индустријата на шеќер, тој основа компании и воведува закони кои дозволуваат неговите ново-основани компании да доминираат со садењето, обработката и меѓународната продажба на шеќерот. Откако сето ова завршува, тој воведува закон со кој индустрија со шеќер се иззема од законот за минимална плата.

Слична е процедурата за неколку клучни земјоделски области: кокос, тутун и банани.

Сето ова тој го работи од перспектива на адвокат, па за ништо од ова не постојат докази за негова вмешаност.

"Тој ги поставува компаниите за однадвор да изгледа дека им припаѓаат на други луѓе. Маркос наоѓа десетици соработници: роднини, голф партнери, политички сојузници... Соработникот ја купува компанијата и потоа потпишува документ со кој го префрла најголемиот дел од бизнисот - обично 60% - меѓутоа остава празно место за името на новиот сопственик. Документот со празното место за името, завршува кај Маркос. Со ова тој е сопственик на компанијата, ама нема 'доказ' дека тој ги поседува тие 60%," објаснува Давис.

Освен ова, Маркос краде од воените репарации што Јапонија ги исплаќа за Втората светска војна, краде од меѓународната помош, од резервите на злато во Централната банка, заеми од меѓународните банки и од воената помош од САД. На пример, тој носи закон според кој и онака сиромашните одгледувачи на кокос мора да платат давачка за унапредување на индустријата (од давачката се собрани околу 216 милиони долари), додека истовремено потпишува декрет со кој најголемиот дел од индустријата и го препишува на една од своите компании.

Сето ова му прави сериозен логистички проблем на Маркос кој сега треба некако да го организира протокот на пари. Заради ова тој создава сопствен хибриден банкарски систем, во кој неговите соработници купуваат приватни банки, а други негови блиски луѓе имаат контрола над државните банки.

Целиот овој систем помага парите што Маркос ги краде од земјата без проблем да завршат на офшор сметките (само во Швајцарија има 69 сметки), па ако затребаат од таму да се вратат како готовина во земјата, која е сосема легална и нема никаква поврзаност со криминал.

Фердинанд Маркос умира на 72 години во септември 1989-та во болница во Хаваи, пред воопшто да започне каква било постапка против него. Имелда веќе во 1991-ва се чувствува доволно безбедна да се врати на Филипините, каде и покрај целиот труд и докази на ПЦГГ таа не добива ниту еден ден затворска казна.

9 мај 2016 - 11:33