Она што е нејасно е што точно би сакала Меркел да добие од новиот претседател на Комисијата и која агенда тој би требало да ја истера.
„ЕУ ентузијастите постојано предвидуваат дека Меркел ќе турка храбри ЕУ реформи, и постојано се разочарани. Иако таа добива големи пофалби за тоа што и помогна на ЕУ да мине бројни кризи во изминативе години, германската лидерка нема вистинска европска оставштина.
Како што календарот го одбројува последниот мандат на Меркел како канцеларка, изборот на следен претседател на Комисијата најверојатно ќе биде нејзината последна, најдобра шанса да остави вистинска трага на Европа,“ пишува Метју Карничниг во текстот за магазинот Политико.
Темата на која Меркел ќе треба да брилира е миграција, истата тема која работена по планот на Меркел прво предизвика сериозна поделба меѓу членките на Унијата, а потоа и подем на популистичките партии во секоја од државите.
На планот за справување со мигрантите што беше составен на самитот во јуни, а треба да биде повторно прегледан на средбата во Салзбург во текот на месецов, ќе му бидат потребни години за комплетно спроведување и поддршка од некои од главните престолнини на ЕУ. За ова на Меркел ќе и биде потребен близок човек на чело на комисијата.
„За Меркел да избегне да биде запаметена како германската канцеларка која ја распарчи Европската Унија, таа треба да го реши овој проблем - или барем за сега да го олади,“ пишува Карничниг.
На страна ликот и делото на Меркел, проблемот со „совршениот кандидат на Меркел“ е што вон Германија и посебно во Јужна Европа, сите се згрижени и алармираат за претераното германско влијание врз Унијата. Притоа одредени членки се посебно гневни кон Германија и евро валутата за целото штедење што им беше наметнато за да ги исплатат долговите што ги правеле со години.