Што е ИСИС-К?

За прв пат од февруари 2020 во Авганистан загинаа американски војници, а последен пат толку загинати Американци во еден месец имало во 2014, и зад сето ова стои терористичката група под името ИСИС-К.

Кратенката е од „Исламска држава на Хорасан“ (Khorasan), и освен ИСИС-К, може да се сретне и како ИСКП (Khorasan province) или ИСК, и станува збор за „лиценцирана“ филијала на ИСИС во Авганистан.

Официјално формирана е во јануари 2015, од поранешни пакистански и авганистански талибанци, плус припадници на Исламското движење на Узбекистан. Една од најголемите предности на групата е локалната експертиза на нивните борци и команданти.

Има докази дека тие добиваат пари, совети и обука од ИСИС, а според одредени процени помошта ја надминува сумата од 100 милиони долари.

Организацијата за краток временски период успева да стекне територијална контрола во неколку рурални области на северот и североистокот на Авганистан, по што започнува смртоносна кампања во Авганистан и Пакистан. Во првите три години нападите на ИСИС-К се борат против малцински групи, институции и владини објекти во големи градови во Авганистан и Пакистан.

Во 2018 таа станува една од четирите најсмртоносни терористички организации во светот, според Глобалниот индекс на тероризмот.

По опсежна операција на американските и авганистанските сили во 2019 организацијата бележи сериозни загуби во луѓе и територија, што на почетокот од 2020 кулминира со предавање на над 1.400 терористи на организацијата. Ова беше толкувано и како крај на организацијата.

Од почетокот генерална стратегија на организацијата е да воспостави организација и територија од која ИСИС ќе може да го шири својот калифат во централна и јужна Азија. Намерата е да се усотличи како главна џихадистичка организација во регионот, делумно прибирајќи ветерани од поранешни џихадистички организации.

ИСИС-К и авганистанските талибанци се стратешки ривали. За ИСИС-К, талибанците се „гнасни националисти“ чија единствена амбиција е да формираат влада само во рамките на Авганистан. Наспроти нив, ИСИС сака да формира глобален калифат.

ИСИС-К постојано е во судир со талибанците додека истовремено се обидува да регрутира нивни членови. Талибанците дури и помагаат во американската офанзива против групата.

И покрај вчерашниот напад, организацијата и понатаму се смета за релативно ослабена. Нејзината цел моментално е да се пополнат редовите на „војската“ и раководството токму преку акции како вчерашната. Се уште не може да се процени како повлекувањето на САД ќе влијае врз ИСИС-К.

27 август 2021 - 12:13