Во константниот хаос кој се случува изминативе неколку месеци, 80% од населението на земјата сега е присилено редовно да прескокнува оброци.
Во исто време премиерот прогласи колапс на економијата на земјата, а на колегите им призна дека преговорите со ММФ се покажале „тешки“.
„Сега ние учествуваме во преговори како банкротирана држава. И затоа мора да се соочиме со потешка и покомплицирана ситуација отколку во претходните преговори.
Заради банкротот во кој се наоѓа нашата држава, ние мора дополнително да поднесеме и план за одржливост на долгот до ММФ.
Само кога тие ќе бидат задоволни со планот ќе можеме да постигнеме договор,“ изјавил премиерот Ранил Викрамасингхе.
Шри Ланка се соочува со сите можни видови кризи во моментов од енергетска (викендот беше објавено дека државата има само уште 4.000 тони гориво) до прехранбена и инфлација која моментално е околу 30% а се очекува да стигне до 60. Властите објавија дека дури на 22 јули очекуваат да им пристигне првата пратка гориво.
Кога во мај не успеа да ги плати надворешните долгови за прв пат во историјата, владата за тоа го обвини ковид и бомбашките напади, кои влијаеле врз туристичката индустрија на земјата која пак им е најголемиот извор на странски валути.
Шри Ланка има сериозен дефицит со странство од кој губи по околу 3 милијарди долари годишно, а како еден од клучните погубни потези на претходната влада се смета и укинувањето на корпоративен данок во 2019, од што државата годишно губи по 1,4 милијарди долари.
Заради ваквиот недостаток на странска валута, владата во 2021 им забрани на земјоделците да увезуваат вештачко ѓубриво и им порача да користат органско. Ваквата одлука сериозно наштети на производството и извозот на чај и гума од Шри Ланка.
Моментално земјата има надворешен долг од 51 милијарда долари, а годинава треба да плати 7 милијарди од овој долг.
Земјата веќе неколку месеци е во константни немири. Претходниот премиер избега од земјата, повеќе политичари беа начекани и претепани од гневните толпи, а дел од нивниот имот беше уништен или запален.
Утрово демонстратори упаднаа и во претседателската палата.