Каспар Грус е Германец припадник на Чузен единицата, една од најпознатите меѓународни доброволни единици во Украина, а инцидентот што го раскажува се случува минатиот август рано наутро во источна Украина, кога ранет и невооружен руски војник со ползење се извлекува од речиси разрушениот ров и бара помош од војниците што го заробиле.
Како што еден од соборците на Грус трга да му помогне и бара завои за раните, друг се наведнува врз Русинот и му пука во торзото. Русинот се уште е жив и дише, кога трет војник истрелува куршум по што порачува „само застрелај го во глава.“
Грус толку бил вознемирен од настанот што го конфронтирал својот командант, а подоцна откако ваквите неоправдани убиства продолжиле, тој решава да разговара со Њујорк тајмс.
Убиството кај ровот е едно од повеќе вакви егзекуции, а освен изјавите на Грус се и неговите забелешки / дневник од теренот, видео снимки и текст пораки кои се разменети меѓу припадниците на единицата.
Во друг случај, на видео се гледа како припадник на Чузен фрла граната и убива руски војник кој се предава со кренати раце. Подолго видео од настанот објавува и украинската армија, меѓутоа предавањето е избришано.
Во трета ситуација членови на Чузен во групен разговор се фалат за убивање на руски затвореници за време на мисија во октомври, а војникот кој дента командува со операцијата сам порачува дека тој ги наредил убиствата.
Женевската конвенција предвидува дека кога војник јасно ја покажува својата намера да се предаде, тој не може да биде нападнат и мора да биде безбедно пренесен во притвор.
Во „центарот“ на сите три епизоди, гранатата, убивањето кај ровот и фалењето за убивање на руски војници, е грчки војник со прекар Зевс. Њујорк тајмс сака да разговара со него, меѓутоа неговиот претпоставен и командант на единицата Чузен, Рајан О'Лири, поранешен припадник на американската национална гарда, изјавил дека Зевс одбива да даде интервју.
Самиот О'Лири негира дека негови војници извршиле воени злосторства, објаснувајќи дека убиле ранети Руси, но само оние кои давале отпор. Командантот тврди дека случајот со ровот што го раскажува Грус никогаш не се случил. Пораките тој ги објаснува како обично чаталење на војниците, а случајот со граната го правда со тоа дека рускиот војник и уште еден до него, може да претставуваат закана.
За американски правни експерти епизодата со гранатата е спорна без разлика на околностите и ако таа се случила во рамки на американската војска, би била поведена итна истрага.
„Неуспехот да се спроведе истрага е уште попроблематичен од самиот инцидент.
Немањето одговорност започнува од неповедувањето истрага,“ објаснува професорката од Правната школа Саутвестер и поранешен адвокат на американската воена авијација, Рејчел Ванландингам.
Њујорк тајмс пишува дека американските доброволци во Украина се борат без поддршка на американските власти, меѓутоа министерството за правда на САД и понатаму може да започне истрага околу обвинувањата бидејќи О'Лири и други припадници на Чузен се Американци.