Регресивната култура на исклучување (која и по името е исклучива) деновиве стана милитантна и недвосмислено средновековна. Млад исламски фанатик (18 годишен дечко по потекло од Чеченија) обезглави 47 годишен професор во Париз затоа што на средношколците на кои им држел курс за морал и цивилна етика, им покажувал карикатури од Шарли Ебдо на сметка на пророкот Мухамед, оние кои беа повод за масакрот во редакцијата на францускиот сатиричен магазин пред пет години. Притоа, им кажал дека ако некому темата му е непријатна, може слободно да го напушти часот без никакви последици.
47 годишен професор беше обезглавен заради „навредливи“ материјали, во Франција, во 21-от век. По "cancelled" човек од тоа - нема.
Не случајна е оваа паралела меѓу двете веројатно најзагрижувачки трендови во моментов - исламскиот радикализам и културата на исклучување. Првиве ги земаат работите во свои раце во атмосфера која ја создадоа вториве а во која клучен канон е дека луѓето имаат право да НЕ бидат навредени (да ве потсетиме што Питерсон ѝ кажа на таа тема на амбициозната англиска новинарка). Во тоа име луѓе се бркаат од работа, им се забранува да зборуваат пред публика, остануваат без платформата на која се изразуваат, биваат жигосувани по социјални мрежи, сето тоа само затоа што се дрзнале да имаат поинаков став од владејачките догми, кон Мухамед или Антифа, сеедно.
А искрени и отворени дискусии за тие две теми ефикасно биваат обесхрабрувани од политичките и културните елити. Премногу зборување за исламскиот радикализам може да донесе етикета за исламофобија (ќе ти ја стават разбудените) а критика на разбудените те носи кон штембил дека си десничарски екстремист.
„Слободата на говорот си има свои консеквенци“, знаат често да кажат навидум свилените цензори на нашето време, инкубирани во културните елити и новата разбудена квази-левица. А под консеквенци не значи дека некој ќе ти се спротивстави, ќе влезе во дебата или ќе ти ги исмева ставовите, нешта што се добредојдени и одамна прифатени. Напротив, консеквенците се всушност закани дека ќе останеш без право на збор и присуство на јавниот простор.
„Обезглавувањето на професорот Самуел Пати е милитантна експресија на „cancel културата“ а неговиот убиецот е вооруженото крило на политичката коректност, само-назначен спроведувач на денес веќе меинстрим идејата дека критикувањето на исламот е фобично (значи, зло)“, оценува Брендан О' Нил.
„Ако монструозното убиство на Самуел Пати не ги отрезни цензорските елити, тогаш навистина сме во неволја“. Професорските еснафи во цела Европа треба без задршка да го осудат тоа убиство и да го бранат правото да ги изложуваат своите ученици на тешки и непријатни теми, вклучувајќи карикатури од пророк. Универзитетските кампови мора да прекинат со нивната регресивна политика на протерување на непожелни говорници, а културата на исклучување треба да биде напуштена. Неопходно е да го нормализираме критикувањето на Исламот - заедно со критиката на католицизмот, христијанството итн - за да се испрати јасна порака до сите дека нема Бог, пророк или вера која не може да биде тема на дебата во едно слободно општество.
За среќа, барем ова со наставниците денеска се покажа на дело. Во десетина градови во Франција наставниците денес излегоа на протестни прошетки за да покажат дека убиството нема да ги заплаши.
„Ќе продолжиме да говориме за слободата на говорот. И кога имаме тешки теми, ќе продолжиме да ги дискутираме со учениците за да го охрабриме нивното критичко размислување и да им објасниме дека секој има право да не се согласува (но не и да замолчува друг - н.з.),“ вели Жан Реми Жирар, претседател на средношколската унија на професори во Франција.