Клима 2024: Без паника

Иако изминатата година беше најтоплата откако се мери температурата, нема причини за паничење и прогнози за глобални катастрофи. Климата си е во ред. Од зголемувањето на нивото на морето до обемот на морскиот мраз, снегот и дождовите, набљудувањата покажуваат дека глобалните климатски трендови остануваат во границите на нормалните природни варијации.

Новиот извештај на Фондацијата за политика за глобално затоплување (GWPF) дава преглед базиран врз основа на податоци од набљудувања и докази за глобалните климатски трендови, а не од пресметки на климатски модели.

Глобалната клима претставува многу сложен систем. Многу компоненти и нивните меѓусебни односи сè уште не се целосно разбрани или можеби дури и не се препознаени и затоа не се вклучени во климатските модели, наведува авторот Оле Хумлум, професор по физичка географија на Универзитетот во Осло.

Во неговиот извештај „Состојбата на климата 2024“ се потврдува дека изминатата година беше најтоплата досега регистрирана според сите главни температурни податоци. Тоа е резултат на силниот периодичен феномен Ел Нињо, чие дејство се чувствуваше во поголемиот дел од годината. Затоплувањето останува нерамномерно и е поизразено во северната хемисфера.

Горните 1.900 метри од глобалниот океан се затоплиле за скромни 0,037°C од 2004 година, при што поголемиот дел од ова затоплување е ограничено на горните 100 метри покрај екваторот. Во истиот период Северниот Океан значително се оладил до длабочина од 1.400 метри, а јужните океани забележале мало затоплување на повеќето длабочини (до 1.900 метри), но главно во близина на површината.

Порастот на нивото на морето продолжува со брзина од 1 до 2 милиметри годишно, со изразени локални варијации, што е далеку под проценките базирани на сателити од околу 3,7 милиметри.

Глобалниот обем на морски мраз е стабилен или малку се зголемува од 2018 година. Снежната покривка останува во суштина стабилна.

Врнежите не покажуваат долгорочен тренд кон повлажни или посуви услови од 1901 година.

Активноста на бурите и ураганите продолжува да флуктуира природно, без никакво долгорочно зголемување на силата или фреквенцијата.

Целокупните набљудувања ја потврдуваат нормалната варијабилност на просечните метеоролошки и океанографски услови, без знаци за ескалација на климатска вонредна состојба, Всушност, глобалната клима милиони години е проследена со важни варијации што се одвиваат во периоди од години до векови, па и повеќе, но никогаш не била во целосно стабилна состојба без промени. И последните години се вклопуваат во ова нормално однесување, заклучува професорот Хамлум.

21 октомври 2025 - 16:18