Пред лансирањето, координатите внесени во ХИМАРС-от мора да бидат испратени или потврдени од САД, што според Пост „открива подлабока и пооперативно активна улога на Пентагон во војната.“
Информацијата што ја пренесува Пост е потврдена од три високи украински функционери и висок американски функционер, а главно се однесува на ХИМАРС системите и слични системи со прецизно наведување испорачани од Американците.
Како што објаснуваат Украинците, соработката околу крајната цел на ракетите е за да му се даде сигурност на Вашингтон дека може да му испорача на Киев и ракети со поголем домет без притоа да стравува дека со нив ќе бидат гаѓани мети на руска територија. Сегашните ракети што ги има Украина се со домет од максимум 80 километри. Украинците веќе со месеци од САД ги бараат АТАЦМС системите кои имаат ракети со домет од 300 километри, ветувајќи дека со нив нема да стрелаат на руска територија.
Тие дообјаснуваат дека Украина не бара дозвола до САД што да гаѓаат со ракетите што ги добиваат, туку само им се потребни нивните координати кои се попрецизни од оние што ги има украинската армија.
„Станува збор за чувствително прашање за американската влада, која себе си се прикажува како невоинствен пријател на владата во Киев која се бори за својот суверенитет и преживување. Кремљ повеќе пати ги обвини САД и НАТО дека водат прокси војна во Украина,“ пишува Вашингтон пост.
Официјалниот став на Американците е дека тие одамна имаат признаено дека споделуваат разузнавачки податоци со Украинците во одбрана од Русија и дека со тек на време го имаат оптимизирано ова споделување за да можат истите да ги испорачаат побрзо и во поголем обем.
Процедурата на нишанење според Украинците почнува со избирање на мета од страна на украинската војска, и на која локација се наоѓа таа. Потоа таа информација се испраќа на повисок командант, кој ја препраќа до Американците за попрецизни координати. Наводно Американците не секогаш враќаат на барањето за координати, и во тој случај украинските сили се откажуваат од истрелување на ракетите.
Украина би можела да ги изврши нападите и без помош од САД, но на соработката се инсистира главно затоа што Киев не сака да троши муниција и да ја згреши метата.
Украински воени претставници објаснуваат дека русите ги имаат повлечено своите воени залихи вон дометот на ХИМАРС ракетите, што довело до значително намалување на дневното бомбардирање на украинските градови и војници, но во исто време го намалило и украинскиот капацитет да стрелаат по арсеналот на Москва.
САД неодамна одобри купување и испорака на мали наведувани земја-земја проектили од типот ГЛСДБ, кои имаат домет над 140 километри и можат да бидат лансирани од ХИМАРС системите.