Рускиот полигон Сирија

Две недели како што Русија воено се вклучи во нередот во Сирија, кај западните разузнавачи и воени функционери почна да се враќа изгубената страхопочит кон руската војска и кон трансформациите што таму се имаат случено за време на владеењето на Путин. А на Русите, Сирија одлично им дојде за контролирана демонстрација.

Во нападите Русите провираа две оружја кои никогаш претходно не биле тестирани во борба, ловецот Сухој Су-34, и крстосувачките проектили кои ги испукаа од брод во Каспиското езеро и преку Иран и Ирак ги погодија своите мети на оддалеченост од 1450 километри. (За споредба, тоа е исто како Скопје да го погоди крстосувачка ракета испукана од Берлин или Хомс да го погодиш од Скопје.) Според одредени пресметки ова ги надминува технолошките капацитет на американските проектили од таа класа.

Освен презентацијата на технолошки достигнувања, Западот забележува дека во Алепо се подготвува контра-офанзива предводена од Иран. Неочекуваната координација ја опишуваат како "месеци и месеци детално планирање зад првата руска воена кампања надвор од границите на СССР по распаѓањето на СССР."

"Се' ова заедно, операциите претставуваат она што функционерите и аналитичарите го опишуваат како не забележана - и се уште не комплетна - модернизација што веќе неколку години се случува во руската армија, и покрај притисокот што го прави на државниот буџет. Ова, заедно со руската интервенција во Украина, го активира алармот на Западот," пишуваат Стивен Ли Маерс и Ерик Шмит во текстот за Њујорк Тајмс.

Сличен став има и во извештајот од Европскиот совет, според кој Путин е одговорен за најрапиднта трансформација на вооружените сили на земјата од 1930-те.

Моментално руските авиони во текот на еден ден во Сирија испорачуваат ист број на воздушни напади колку што е месечниот просек на американската коалиција во последнава година. (Во првите денови од интервенцијата имаа околу 4-5 напади, за веќе да стигнат до околу 90 напади на ден.)

Коментарот на Путин на сето ова е: "едно е експертите да знаат дека Русија наводно ги има овие оружја, сосема друго е кога прв пат ќе видат дека тие навистина постојат, дека нашата одбранбена индустрија навистина ги произведува, дека се квалитетни и дека имаме добро обучени луѓе кои можат ефикасно да ги користат."

Сето ова што Русија денес го презентира во Сирија, и пред некое време во Украина, е плод на кратката војна во Грузија во 2008-ма.

Иако Русите ја совладуваат грузиската армија која беше обучувана од САД, нивната пешадија и авијација сериозно потфрла. Само во првиот ден од војната тие губат 3 ловци и еден бомбардер, а до крајот на неколку дневната војна им соборуваат уште 3 авиони. На терен пешадијата има ужасна координација и комуникација, што во неколку случаи резултира со меѓусебни пресметки.

"Откако ова завршува, Путин, тогаш како премиер на Русија, почнува со модернизација на војската, која не се фокусира само на набавка на скапо и модерно оружје - авиони, бродови, проектили - туку и на многу помалку забележана реорганизација на обуката и организацијата на војската, која вклучува намалување на пренадуениот број на офицери," објаснуваат двајцата во текстот за Њујорк Тајмс, исто така потсетувајќи и дека воениот буџет на земјата полека се зголемува секоја година.

Освен тоа што го презентираа со опрема, на Русите треба да им се признае и за организациската подготвеност што ја покажуваат во Сирија. Тие успеваат базата во Латакија да ја постават во рок од 3 недели, и таму да распоредат четири дузини авиони и хеликоптери, голем број тенкови и оклопни возила, ракети и артилериски системи, воздушна одбрана и сместување за 2.000 војници.

Сега американските аналитичари проценуваат дека операциите во Сирија покажале дека Русија го достигнала нивото на воениот капацитет на САД во војните од 90-те до денес.

И покрај неверојатните капацитети на новиот Сухој, аналитичарите најмногу се воодушевени од крстосувачките проектили што Русите ги лансираа од Каспиското езеро. Ова го надополни и руската државна телевизија која во понеделникот соопшти дека од Каспиското езеро, проектилите можат да стигнат до кое било место во Персискиот залив, Арапскиот полуостров и Средоземното море.

"Американските функционери иако импресионирани од тоа колку брзо Русија ги распореди своите воени авиони и хеликоптери во Сирија, изјавија дека тие за сега користат само делче од нивниот полн потенцијал, со тоа што најчесто е неселективното отворање оган, додека проектилите на наведување се користат многу поретко. Јасно е дека Русите веќе ги собираат информациите од кампањите за да ги искористат во други воени операции. Во основа, Русија го користи својот излет во Сирија како место за оперативни тестови," ја пренесуваат Маерс и Шмит анализата на пензионираниот американски авијациски генерал, Дејвид Депутл, кој ги планираше воздушните напади во Авганистан во 2001-ва и во Заливската војна.