Почетната стратегија на Русија беше дека операцијата нема да има еден главен командант, туку секоја единица е организирана и командувана посебно од областа од која доаѓа, начин на кој руските сили никогаш не биле обучени да функционираат.
Дворников е генерал од „советска школа“ кој кариерата на офицер ја започнува во 1982 како командант на вод. Тој се бори во Втората чеченска војна, по што има неколку позиции во војската пред да биде назначен за главен командант на руските сили во Сирија.
Таму тој е со задача „да ја стабилизира позицијата на сириските сили“. Падот на Алепо се случува токму под негова команда, откако наредува поставување воен аеродром на северозападот на земјата и почнува масовно да ја користи руската авијација за срамнување на градови низ провинцијата Идлиб.
Тој командува и со руската операција против ИСИС на истокот на Сирија.
Гардијан го опишува како командант обучен со советските воени доктрини „кои го сметаат уништувањето на цивилни цели како средство за добивање залет на военото поле“.
Дворников е и еден од главните кандидати за замена на началникот на рускиот генералштаб, Валериј Герасимов.
Пренесувајќи ја информацијата за смената на хиерархијата, западните медиуми инсистираат дека и овој потег е со цел постигнување на некаков позначаен успех во Украина, за Путин да има со што да се пофали на парадата на 9 мај.
„Има тензии меѓу воената логика за правилно поставување на силите за обновена операција во Донбас, потенцијално користејќи посоодветни тактики и учење на некои од лекциите од досега главно катастрофалната операција, наспроти политичкиот императив операцијата да се изврши и брзо да се напредува,“ изјавува неименуван западен функционер за Би-би-си.
Истиот функционер проценува дека Русија и покрај бројната надмоќност (располага со нешто помалку 100 баталјони за оваа операција) е повторно осудена на пропаст доколку не ја промени својата тактика.
„Ако не бидат поефикасни во користење на сите свои алатки што ги имаат на располагање, тогаш е многу тешко да се види како ќе можат да успеат да ги исполнат дури и овие многу ограничени цели кои сами ги поставија, и секако не со брзината што мислам дека сакаат да ја постигнат,“ коментира истиот извор.