Русија, Донбас и Украина, утрото потоа

Вчерашниот ден на источниот фронт почна со состанок на рускиот Совет за безбедност, едно опсежно предавање од Путин на тема историја на Русија и Украина, и последователно признавање на независноста на двете украински сепаратистички републики.

Уште пред да биде завршен чинот на признавање, Западот и Украина во најразлични верзии го осудија Путин за овој потег. Клучните термини во западните реакции беа: „прекршување на меѓународното право“, „санкции за Русија“ и „прекршување на договорот од Минск“.

За Макрон со признавањето на сепаратистичките републики Русија ги прекршува своите ветувања и го поткопува суверенитетот на Украина, за што повика состанок на Советот за безбедност на ОН и санкции од ЕУ.

Најверојатно ЕУ нема да воведе масовни санкции против Русија за признавањето на ЛНР и ДНР, меѓутоа опцијата останува во случај Русија да изврши инвазија на земјата.

Свои санкции најави и Британија, која не го наведе нивниот обем но порача дека тие силно ќе ги удрат „економските интереси кои ја поддржуваат руската воена машинерија“, а Германија во текот на денот објави дека ја суспендира сертификацијата на Северен тек 2.

САД веднаш воведоа санкции врз Доњецк и Луганск, но Русија ја оставија без дополнителни санкции, а најава за санкции врз Русија дојде од Канада. Јапонија објави дека ќе воведе санкции кон Русија кои ќе опфаќаат извоз на високо-тешнолошки делови, чипови и роботоика.

Освен осудувањето на Русија, Белата куќа го советувала украинскиот претседател заради негова безбедност да го напушти Киев и да замине на запад за Лвив, кој е на околу 80 километри од полската граница.


Некаде после полноќ обраќање имаше и претседателот на Украина, Владимир Зеленски, кој претходно имаше средба со националниот совет за безбедност. Главните точки на неговото обраќање се:

- Украина никому и ништо не е должна и никому ништо нема да му даде.

- Нема причина да останете без сон.

- Меѓународното признавање на границите на Украина останува какво што беше, без разлика на дејствата на Русија.

- Со признавањето на ЛНР и ДНР се означува еднострано излегување на Руската федерација од Минскиот договор.

- Нема причина за хаос.

- Зеленски најави и дека иницирал состанок на Нормандската четворка (Украина, Русија, Германија и Франција).

Во меѓувреме и сред Киев е забележан превоз на тенкови и оклопни возила.

Историските тврдења на Путин ги прокоментира и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, кој порача „Русија била киевска, а Киев бил голем град уште во времето кога таму некаде биле мочуришта во кои никој не можел да претпостави дека еден ден ќе се појави Москва.“


Указот што го потпиша Путин со лидерите на Народна република Доњецк и Народна република Луганск предвидува дека:

- Двете републики се признаени како суверени и независни во согласност со волјата на нивниот народ.

- Руското министерство за надворешни работи ќе воспостави дипломатски односи со двете републики.

- Руското министерство за надворешни работи ќе потпише формален договор со двете држави за пријателство, соработка и взаемна помош.

- На барање на лидерите на Народните републики Доњецк и Луганск, руските вооружени сили ќе бидат распоредени на нивна територија за спроведување на мировна мисија.

Ова последното веднаш беше реализирано и на терен, па Ал Џезира и очевидци објавија видеа од руската војска како влегува на територијата на двете републики.


Документот што го потпишува Путин со лидерите на ДНР и ЛНР се однесува само на териториите кои се под нивна контрола, а не на целата Доњецка и Луганска област.

Договорот за пријателство што се предвидува во указот опфаќа: безбедносна соработка меѓу двете страни на највисоко ниво; меѓусебно право на изградба, користење и подобрување на воената структура и сили; откажување од учество во блокови или сојузништва штетни за нив; почитување на границите и интегритетот на трите држави; заштита на границите на ЛНР и ДНР преку заеднички напори; меѓусебно признавање на документите издадени од која било страна; заштита на правата и слободите на националните малцинства; Русија ќе преземе обврски за засилување на финансискиот и банкарскиот сектор на ЛНР и ДНР, а рубљата е официјално средство за плаќање на трите територии; и дека договорот ќе се ревидира на 10 години.

Во врска со финансиите првиот заменик претседател на Комитетот за буџет и финансиски пазари на Советот на Федерацијата, Сергеј Рјабукин изјавува дека за потребите на инфраструктурата на ДНР и ЛНР ќе бидат потребни 16,5 милијарди евра во период од 3 години, и дека за тоа ќе може да се обезбедат пари од Фондот за национална благосостојба.


Се очекува дека во текот на денот ќе бидат комплетирани и последните чекори за финализирање на процедурата за признавање на Доњецк и Луганск:

- Состанокот на комисијата на Думата за меѓунардони работи.

- Состанок на советот на Думата.

- Формална ратификација на декларацијата на Путин од страна на Думата.

За време на говорот пред потпишувањето, Путин наведе дека најголем дел од територијата на Украина е подарок од Русија во најразлични периоди од историјата на двете држави. Една од картите што излезе на оваа тема е следната:

Уште на 27 декември минатата година ултра-националистот и лидер на руската Либерал-демократска партија, Владимир Жириновски, во говор во Думата изјави „Во 4 часот наутро на 22 февруари 2022 ќе биде годината кога Русија повторно станува велика“.


Во меѓувреме и парламентот на ЛНР го ратификуваше договорот:


Исто и Доњецк:

И руската Дума, со 400 гласови ЗА и 0 против или воздржани, го ратификуваше признавањето на Народните републики Доњецк и Луганск. Во меѓувреме руското министерство за надворешни работи уште еднаш потврди дека „Москва ги признава ЛНР и ДНР во границите во кои нивното раководство ја спроведува власта“.