Тројца активни локални одборници од општината Тауер Хамлет во источен Лондон потврдија дека се кандидати за изборите во Бангладеш. И граѓаните и властите во Британија го осудија ова однесување како „неприфатливо“, но немаат законска основа да преземат мерки. Одборниците даваат чесен збор дека ако добијат фотелја во Бангладеш, ќе ја напуштат фотелјата во Лондон.
Сабина Кан од февруари не присуствувала на повеќето седници и состаноци во локалната управа. На социјалните мрежи води кампања како кандидатка на Националната партија на Бангладеш (БНП).
Ова не е фер. Поголемиот дел од времето таа го поминува во Бангладеш. Треба да поднесе оставка. Ја избравме за да нè претставува нас, а не Бангладеш, реагира жител на општината.
Кан беше избрана како кандидатка на Лабуристичката партија во изборната единица Мајл Енд во 2022 година, но лани преминала во партијата Аспаер, која има мнозинство советници. Кан има важни улоги во Комитетот за преглед и надзор и во Комисиите за лиценцирање на градското собрание на Тауер Хамлетс.

Охид Ахмет, независен одборник од округот Лансбери, исто така води кампања за пратеник во Бангладеш како кандидат на БНП. На своите профили на социјални мрежи тој објавува текстови за економијата, за образованието за жените, па дури и за локални проблеми со дупки на улиците – но не во Англија, туку во Бангладеш. И тој бил избран како лабурист пред да премине во Аспаер, а сега наводно е независен. Најмалку уште еден советник од Тауер Хамлетс е кандидат за пратеник во Бангладеш.
Ова однесување е неприфатливо. Јасно е дека советниците мора да бидат способни ефикасно да им служат на избирачите што ги избрале. Сите советници мора да ги почитуваат принципите за интегритет, објективност и одговорност, објави портпарол на Министерството за домување.
Со потекло од Бангладеш е и поранешниот градоначалник на Тауер Хамлетс, Лутфур Рахман, кој беше сменет од функцијата откако беше осуден за изборна измама. Рахман им наредил на имамите во општината да им проповедаат на муслиманските избирачи дека нивна должност е да го поддржат на изборите во 2014 година. Злоупотребувал општински пари за да финансира здруженија на имигранти од Бангладеш и Сомалија, кои се обврзале за возврат да му обезбедат поддршка на изборите.
Влијанието на бенгалската политика врз британската се чувствува и на национално ниво. Пратеничката Тулип Сидик беше принудена на оставка откако против неа беше отворена истрага за корупција во родниот Бангладеш. Таа е внука на поранешниот автократски лидер Шеих Хасина, кој лани беше соборен од власт. Обвинета е за учество во проневера од неколку милијарди долари во врска со изградба на руска нуклеарна централа.
Тауер Хамлетс е мрачен потсетник за проблемите со кои се соочуваат Лондон и Британија. Неспособноста на властите да ги интегрира мигрантските групи создаде паралелни општества, забележува Хуго Тимс од Спајкд.