Пучистите сакале да ја спасат Турција од отцепување на Курдите

Новооткриени документи покажуваат дека заговорниците биле гневни на обидот на владата да постигне мир со курдските бунтовници, па намерата им била по пучот Ердоган и неговите соработници да ги судат за соработка со терористи заради учеството во 6-годишните преговори со Работничката партија на Курдистан.

Меѓу документите најдени кај пучистите, е и веќе подготвено обвинение на три и пол страни против Ердоган, во кое пишува: "иако не се членови на терористичка организација, тие и помогнаа на терористичка организација дозволувајќи и да се снабди и складира тешка артилерија како ракетни фрлачи, автоматски пушки и пиштоли, притоа не преземајќи какви било мерки за превенција на оваа ситуација што им го отвори патот за вооружена борба."

Доказите наведни во обвинението вклучуваат статии и изјави на функционери. Нацрт обвинението е пронајдено во канцеларијата на обвинителот Мехмет Сел, кој е меѓу стотиците уапсени заради заговарање на воен удар.

Ставот што го делат и аналитичари и актуелни функционери е дека обвинението комплетно се поклопува со долгогодишните критики и идеологијата на движењето на Ѓулен. Проблемот меѓу ѓуленистите и Курдите настанува кога првиве во обид да го прошират своето влијание на југоистокот од земјата, таму почнуваат да отвораат училишта и кампуси на "курдска" територија. На ова Курдите реагираат со напади врз објектите, заради што ѓуленистите стравуваат дека со постигнување договор со Анкара, Курдите само ќе добијат на сила, а нивните објекти ќе бидат дополнително загрозени.

Токму Ердоган и Ѓулен повеќе од една деценија партнерски владееа, работејќи на намалување на влијанието на секуларните вооружени сили во секојдневното функционирање на Турција.

По пучот во јавноста повторно се актуелизира прашањето околу обновувањето на судирите меѓу Курдите и турските власти, кои започнаа минатото лето по убиството на двајца полицајци, пракса која не е карактеристична за ПКК, како по начинот на кој е извршена, така и по изборот на оружје. Случајот уште не е решен.

Во целата бука по државниот удар на ѓуленистите успеаа да им го препишат и ланското соборување на рускиот воен авион, кој сериозно ги наруши односите меѓу Москва и Анкара. Наводно двајцата пилоти биле членови на движењето и сакале да предизвикаат тензии меѓу двете држави со цел слабеење на власта.

29 јули 2016 - 11:14