Со вонредната состојба се овозможува поголемо присуство на армијата и полицијата, пребарувања без налог, апсења и ограничување на слободата на движење и собирање. Аргументот на противниците на вонредната состојба е дека за борба против тероризмот во Франција и на другите места, поважно е подобро координирање ниво на Европа, отколку "привремени мерки кои суспендираат делови од правото."
Флоренс Гауб од ЕУ Институтот за безбедносни студии во Париз, објаснува дека системите кои моментално се имплементирани помагаат во ограничување на движењето на луѓе "кои и онака не се движат многу низ Шенген зоната, и кои веќе се обвинети за некаков криминал. Па затоа системот не може да се справи со луѓето кои се радикализирани а се уште немаат делувано, бидејќи не е така поставен."
Според неа, вонредната состојба во Франција делумно го решава овој проблем затоа што властите сега можат побрзо да реагираат, меѓутоа ова не е од голема помош ако се има предвид неодамнешниот раст на напаѓачи кои "одеднаш развиле симпатии кон ИСИС без забележливи предзнаци карактеристични за Исламистите."
Гауб смета дека треба да се развие систем кој "поагресивно се справува со не-терористичките кривични дела," односно ситниот криминал, кој е карактеристичен за сите од напаѓачот во Ница, до оние што влегоа во Шарли Ебдо, или оние што го организираа нападот на метро станицата во Брисел.
Под подобро координирање во рамките на ЕУ, Гауб прво го наведува Шенген системот за споделување информации, кој во теорија би требало да служи како централна база во која членките на ЕУ би можеле да додаваат имиња на луѓе за кои сакаат да добиваат нотификации секој пат кога истите некако ќе бидат спомнати кај останатите членки.
Системот има три клучни проблеми заради кои не функционира: прво, "не ти кажува за што е барано лицето" па причините можат да се движат од кражба на автомобил до тероризам, заради што и останатите членки не знаат која е итноста на случајот. Второ, ниту Европол, ниту Фронтекс, имаат пристап до базата, а Британија која не е членка на Шенген, доби пристап дури минатата година. Трето, учеството во вакви бази на податоци не е ни најмалку изедначено, во една слична база што ја води Европол, околу 80% од информациите доаѓаат од 4 земји членки, делумно заради желба за учествување, делумно заради опременост.
Бенедикта Жанеро, директорката на француската филијала на Хјуман Рајтс Воч, во јули објави дека под мерките за вонредна состојба (ноември - мај) извршени се 3.600 претреси, наредени се 400 домашни притвори, а притоа отворени се само 6 кривични истраги, и најголемиот дел од овие истраги се отворени по предмети кои биле водени во нормална постапка.
Проблемите за кои зборат Гауб и Бенедикта, се содржани и во извештајот од 150 страни на француската парламентарна комисија. Во документот се нудат 40 предлози за справување со проблемот, од нив 6 се однесуваат исклучиво на зголемување на соработката внатре во ЕУ, посебно во однос на системот за споделување информации. Девет се однесуваат на зголемување на подготвеноста на француските служби што треба први да реагираат, а 19 се однесуваат на зголемување на меѓусебната соработка на француските агенции.
И покрај неуспешноста на вонредната состојба, сепак мерката има алиби и поддршка од јавноста, заради што и понатаму важи и не е укината. Објаснувањето на Џакомо Паоли, аналитичар од Ранд корпорацијата е дека самата појава на вооружени безбедносни сили на јавни места во теорија служи за застрашување против одредени видови напади, а исто така го намалува времето на реагирање по одреден напад. Плус ова делува крајно смирувачки во јавната перцепција, и дека "во момент кога луѓето во Европа се чувствуваат небезбедно, важно е да се покаже присуство на државата." На позитивниот имиџ доста помага и тоа што јавноста има сериозно висока доверба во безбедносните сили на Франција, која иако е намалена по нападите во јули моментално се движи околу 80%.