Писмена работа: Што правиме со Сирија

Воениот удар на Сирија е одложен колку на Камерон да му се даде фора да си среди по дома. Машинеријата бревта врз основа на многу јак доказ, слушнале телефонски разговор, Израелци им го пренеле. Во меѓувреме, луѓе си пишуваат што мислат дека треба да се прави таму. Имаме фин избор од 6 различни гледишта на ситуацијата. 

Да не се мешаме
Conor Friedersdorf, The Atlantic
Америка нема баш многу добар скор во предвидување на ефектите од воените акции. Таа во Сирија може многу да чини, и во луѓе и во пари. Ако поентата е да се намали страдањето на цивили, ракетите не се баш најдобрата алатка.

Вооружувајте ги бунтовниците само додека не почнат да победуваат
Edward Luttwak, The New York Times

Aналитичарот на весникот е против воена интервенција најмногу заради можноста двете страни во Сирија да продолжат да се убиваат меѓусебно. По него, која и страна да победи, САД губат. Сиријската опозиција и онака е под контрола на верски радикали па не е паметно да им се подари победа а Сирија да се претвори во нов центар на тероризмот. Нивното вооружување е потребно заради враќање на балансот меѓу силите во конфликтот.

Асад мора да падне
Robert Satloff, Washington Institute for Near East Policy

Мора да се казни Асад и да му се даде  до знаење дека постојат црвени линии чие пречекорување не може да мине неказнето. Според Сатлоф, или мора да се врати рамнотежата на силите во конфликтот или да се реактивира позицијата дека Асад мора да замине. Двете опции бараат сериозна воена ангажираност, но вреди, за да не му се дозволи победа на Асад а со тоа да зајакне и позицијата на неговите подржувачи од Иран. 

Мора да стапне наша нога на земја
Andrew Slater, The Daily Beast

Слејтер е поранешен командант на специјални единици и не верува многу во ефикасноста на воздушните удари, повикувајќи се на примерот со НАТО-Србија. Според него, на терен мора да се испраќаат војници, специјалци, кои ќе ги учат и тренираат бунтовниците.

Со бомбардирање да се донесе Асад на прговарачка маса
Gayle Tzemach Lemmon, Foreign Affairs

Воздушните удари или заканите со нив да се користат како алатка за да се донесат завојуваните страни на преговарачка маса и да се обезбеди мирно предавање на власта на една привремена Влада. 

Да не се туфкаме
Tony Blair, The Times of London (целиот текст не е достапен за бесплатно читање)

Катастрофалните западни искуства од интервенциите на Истокот не смеат да бидат оправдување за неделување, смета поранешниот британски премиер. Настаните треба да се обликуваат а не да се следат, реалноста треба да се менува а не да се прифаќа. Ако не се интерверира, ќе биде катастрофално бидејќи бруталниот режим на Асад и разните филијали на Ал Каеда ќе формираат ново жариште не тероризмот, поопасно од она во Афганистан во 90-тите.

29 август 2013 - 13:25