За време на игрите во Сочи, Русија натрупа 450.000 метри кубни снег како резерва да не снема или да не се стопи снегот на патеките. Сега Кинезите ќе треба речиси целиот снег за игрите вештачки да го создадат. Стравот е дека ова не може да се постигне без да и се наштети на околината.
"Иако Кинезите ветија дека ќе го направат ова на еколошки прифатлив начин, изгледа невозможно дека тие ќе можат да го минимизираат еколошкото влијание. Дополнително, како што ИОК признава во процената на кандидатурата на Пекинг, 'предложените локации за алпско скијање и лизгање и олимпиското село во Јанкинг ќе бидат лепенка со 4.600 хектари пространиот национален парк и резерват Сонгшан и се дел од екосистемот на истата планина,'" пишува Ребека Лебер за Њу Рипаблик.
Според истиот извештај Кина ја потценува количината на вода што ќе биде потребна за да се создаде неопходниот снег, и дека ја преценува количината вода што ја има на располагање, меѓутоа сметаат дека организаторот ќе може да ја снабди (од други извори) потребната количина на вода.
Најголем проблем со водата во Кина е што 80% од водните резерви на земјата се сместени на југот, ама половина од популацијата и две третини од земјоделството се на северот од земјата. Ова значи дека системите кои сега го снабдуваат северот со вода, ќе бидат дополнително оптоварени со водата потребна за снегот за 2022-ра, како по основа на транспорт, така и по основа на зголемено ископување и вадење вода.