На почетокот од 2013-та ГРУ (Гла́вное разве́дывательное управле́ние) е веќе издишана заради лоши одлуки, лоша политика и раководство, а пред крајот на годината властите размислуваат за намалување на неговиот статус од "главна управа" во "управа." Иако ГРУ постепено ја губи својата сила уште од 1992-ра, сериозен удар на нејзината моќ е одлука од 2003-та со која се дозволува ФСБ (агенцијата за внатрешна безбедност, наследникот на КГБ) да започне со операции во странство. Во тоа време главната критика за ГРУ е дека: "не знае ништо како треба да направи во нашето соседство освен да брои тенкови."
Во рок од само неколку месеци токму овие ограничувања, фокусирањето на блиското соседство и концентрацијата на насилството над суптилноста, стануваат главна предност на ГРУ.
Освојувањето на Крим во март без речиси капка крв се спроведува според планот што го изработува ГРУ. Тие детално го имаа обработено регионот, ja анализираа украинската армија и ги следеа нивните комуникации. ГРУ обезбеди закрила за луѓето во зелено што ги освоија стратешките позиции на полуостровот, за потоа да се открие дека тие се руски војници. Голем дел од нив беа сегашни или поранешни членови на Спецназ единицата на ГРУ.
Учеството на ГРУ станува јасно кон крајот на мај кога во источна Украина се појавува баталјонот Восток. Ова беше истата единица која ГРУ ја формираше за војната во Чеченија и која беше растурена во 2008-ма. Единицата составена во најголем дел од истите војници од Чеченија се појави од никаде, сите униформно наоружани и качени во оклопни возила.
"Восток баталјонот ја прави јасна стратегијата на Москва: Кремљ нема намера за директен воен судир со своите соседи. Наместо тоа негов избор за во иднина ќе биде 'не-линеарна војна' во Украина, која е комбинација на директна сила, дезинформации, политички и економски притисок, и тајни операции," објавува во својата анализа магазинот Форин Полиси.
Претпоставката е дека доктрината на "не-линеарна војна" не е само ад-хок одговор за ситуацијата во Украина, туку дека Москва така планира да ги решава проблемите и да ги брани своите интереси кај соседите и пошироко во светот.
"Муабетите за деградирање на статусот на ГРУ се забележливо отсутни во московските кругови. Обновениот статус на агенцијата значи дека таа повторно е играч во вечните борби за територија во руската разузнавачка заедница. Уште поважно ова значи дека операциите на ГРУ насекаде низ светот е поверојатно дека повторно ќе бидат раширени и дека ќе вратат дел од својата стара агресивност," се објаснува во анализата.
Од целата ситуација најмногу се затекнати НАТО и Западот, кои немаат одговор на ова.
"НАТО, воена алијанса изградена за да одговори на директна и отворена инвазија веќе имаше загуба кога требаше да се справи со виртуелни напади, како сајбер нападот на Естонија во 2007-ма. Воскреснувањето на ГРУ ветува иднина во која заканите од Студената војна за преливање на тенкови преку границата се заменети со нов тип на војна, која комбинира лаги, внимателно собирање на локални сојузници и тајни Спецназ напади кои треба да ги постигнат целите на Кремљ. НАТО може е посилен во чисти воени бројки, но ако Русија може да отвори политички поделби во Западот, и да изврши операции кои може да ги негира, и да таргетира стратешки поединци и објекти, тогаш не е важно кој има повеќе тенкови и подобри авиони. ГРУ се подготвуваше токму за ова," објаснува Марк Галеоти во анализата за магазинот.