Новиот климатски план на ЕУ е општо лудило

И конзервативците и екологистите жестоко го критикуваат новиот климатски план на Европската комисија за 2040 година. Едните тврдат дека преамбициозните и неостварливи цели ќе го зголемат товарот врз економијата и граѓаните, давајќи им предност на САД и Кина. Другите се жалат дека не е доволно строг и дека е разводнета веќе прифатената цел за намалување на емисиите на CO2.

Како „предавство“, „општо лудило“ и „закана за националниот суверенитет“ европските десничари го критикуваат новиот климатски план на Европската Унија, кој предвидува намалување на испуштањето на јаглеродни гасови за 90% до 2040 година. Тие тврдат дека целите се нереални, прескапи и немаат врска со економската реалност.

Унгарскиот министер за ЕУ Јанош Бока го опиша како „екстремно штетен“. Тој тврди дека земји како САД, Кина и Индија никогаш не би усвоиле такви доброволни обврски, поради што Европа ќе ја губи трката со нив.

Уште еднаш Брисел тргна наопаку. Зелената транзиција нема да ја задвижат нереални климатски цели, туку силна и компетитивна европска економија, вели Бока.

Поранешниот полски министер за земјоделство Роберт Телус оцени дека планот е закана за националниот суверенитет на неговата земја. Тој предупреди дека ќе им направи големи штети на земјоделството, индустријата и пазарот на труд, а ќе им отвори врата на други земји да доминираат на европскиот пазар.

Чешкиот европратеник Ондреј Кнотек го нарече планот „комплетно лудило“ што ќе ги зголеми цените и ќе им ја ограничи на граѓаните слободата на избор за греење и транспорт.

Сега не е време за празни соништа. Европа мора да се соочи со реалноста и да има прагматичен пристап кон идната климатска политика, базиран врз докази, оцени политичката група Европски конзервативци и реформисти.

Спротивниот табор реагира дека усвоената граница од 90% е најниската од предложените. Се разгледувало и намалување од 95%. Им пречи и одредбата вметната во законот заради флексибилност.

На земјите од ЕУ им е оставен простор дел од обврските да исполнат со трговија со „јаглеродни кредити“ на меѓународниот пазар. Тоа значи дека европски влади ќе може да финансираат климатски проекти во други земји и намалените емисии од тие проекти да ги сметаат како свои. На пример, ако Чешка плати за проект за редукција на јаглеродни емисии во Лаос, намалувањето ќе се смета на контото на Прага. Лаос би извлекол полза од странската инвестиција.

Мораме да го имаме предвид фактот дека планетата не разликува од каде се испуштаат штетните емисии. Мислиме дека е фер и дека е паметно да го направиме поголемиот дел кај нас, но и да им овозможиме на компаниите и земјите да бидат флексибилни со барем неколку проценти, изјави еврокомесарот за клима Вопке Хекстра.

Германија во преговорите инсистирала барем 3% од намалувањето на емисиите да бидат исполнети преку јаглеродни кредити. Франција инсистирала на повисок процент. 

Иако ЕУ се смета за политички водач во глобалната климатска акција, Хекстра признава дека нејзините цели нема значително да ја променат состојбата на планетата.

Мораме да бараме придонеси не само од ЕУ. Ние сме одговорни за само 6% од глобалните емисии. Тоа значи дека без другите нема да го решиме проблемот, изјави еврокомесарот.

3 јули 2025 - 08:36