Калифорнија, Масачусетс и Невада гласаа за легализирање на рекреативната употреба на марихуаната, давајќи ѝ поттик на кампањата за легализирање на „тревата“ на национално ниво. Уште шест држави гласаа за легализација на марихуаната, додека истовремено гласачи во Калифорнија и државата Вашингтон ги заострија законите за контрола на оружјето.
Низ САД беа ставени 150 законски мерки на различни теми. Калифорнија водеше со дури 17 вакви прашања, вклучително и она дали актерите во порно филмовите треба да носат кондоми. Друг референдум предвидуваше забрана на пластични ќеси за пазарење.
Во пет држави притоа беше поставено прашањето за легализирање на рекреативната употреба на марихуаната. Во Аризона промените не поминаа, а во Мејн беше тесно. Но позитивниот резултат во Калифорнија, со оглед на тоа што таа е најгусто населената држава, се смета за историски. Истовремено, Масачусетс стана првата држава источно од Карпестите планини која се придружи на движењето.
Арканзас, Флорида и Северна Дакота дозволија мерки кои овозможуваат употреба на марихуана за медицински потреби. На Флорида 71% од гласачите ја поддржаа мерката, а Арканзас стана прва држава на југот со целосни програми за медицинска марихуана, кои веќе постојат во 25 други држави.
Генерално, ова е првиот момент во историјата кога САД стигна многу блиску до национален референдум за марихуана, која сè уште е забранета според федералните закони.
Друга „жешка“ тема - контрола на оружјето - беше на гласање во четири држави, вклучително и Калифорнија, која ги има најстрогите закони во оваа област. Гласачите одлучија да го прогласат за незаконско поседувањето на големи резерви муниција, и ја проширија програмата на Калифорнија, карактеристична само за оваа држава, за одземање на оружје на луѓе кои имаат дозвола за конкретното оружје, но на кои веќе не им е дозволено да го поседуваат.
Во Мејн и Невада група формирана од градоначалникот на Њујорк Блумберг потроши милиони промовирајќи промени на законите кои би подразбирале позадински проверки на речиси сите продажби и трансфери на оружје.
Што се однесува до смртната казна, Калифорнија имаше две спротивставени гласања - едно да ја укине оваа и онака ретко спроведувана санкција, и друга која го забрзува нејзиното извршување. Во Оклахома пак се гласаше за тоа државата да има алтернативни начини да ги егзекутира осудените доколку некој од методите е блокиран. Во Небраска гласачите повторно ја актуелизираа смртната казна, преиначувајќи ја одлуката од минатата година за нејзино укинување. Небраска нема егзектуирано затвореник од 1997, но во моментов 10 затвореници ја очекуваат смртната казна.
Освен марихуаната, контролата на оружјето и смртната казна, Американците гласаат прилично различно и за промена на други закони и регулативи, на пример за минималната плата (во Аризона, Колорадо и Мејн изгласана е плата од 12 долари минимум на час до 2020, во Вашинтон таа се крена од 9,47 на 13,50 на час до 2020, а федералниот минимум е 7,25 долари)
- Двојазично образование: Жителите на Калифорнија го отфрлија двое децении стариот закон кој го ограничуваше ваквото образование во училиштата
- Даноци: Гласачите во Орегон отфрлија мерка според која за корпоративни продажби кои надминуваат 25 милиони долари би требало да се плати 2,5 проценти данок.
- Гласачите во Вашингтон отфрлија план за промовирање почиста енергија преку данок од 25 долари на метрички тон емисија на јаглерод двооксид од фосилни горива.
- Данок на тутун: Гласачите во Колорадо, Мисури и Северна Дакота отфрлија предлози за зголемување на данокот на цигари.
- Калифорнијците одобрија мерка која ги зголемува цените на цигарите за 2 долари по кутија и додава нови даноци на електронските цигари.
Вака изгледаше едно гласачко ливче во Масачусетс: