Јапонските архитекти и градежни компании своите проекти ги базираа на челични структури кои можат да бидат поврзани меѓу себе со помош на посебно издржливи шрафови, наместо со заварување кое бара многу повеќе време. Ваквото префрлање на нов градежен метод се погоди да биде во исто време со зголемениот број на градежни работи во централно Токио, работите околу годинешното Светско првенство во рагби и Олимпијадата 2020.
Трговците се жалат дека заради ваквиот наплив на градење испораката на моментално бесценетите шрафови пораснала од 6 недели на 6 месеци. И покрај обидите на властите да ги убедат сите да ги нарачуваат само шрафовите што им се потребни, сомнежите се дека градежните компании на големо се обидуваат да направат залиха од нив.
Во анкета на 305-те најголеми јапонски градежни компании, 83% изјавиле дека имаат недостаток на шрафови за спојување на челичните столбови.
Во Јапонија има само 8 големи производители на овој тип шрафови, и сите до еден порачале дека не планираат да го зголемуваат производствениот капацитет. До сега само една компанија од Јужна Кореја има добиено сертификат дека може да ги увезува овие шрафови во Јапонија.
Дел од вината за префрлањето од заварување на шрафење отпаѓа на демографската криза во земјата, заради која градежните компании не можат да најдат доволно работници за своите проекти. По истата оваа основа во Јапонија почнаа да затвораат голем број колонијали кои работеа по 24 часа, а 60% од хотелиерите се жалат дека имаат проблем со наоѓање персонал.
Олеснувањето на проблемот со шрафовите се очекува некаде во ноември годинава.