Приказната е од Zero Dark Thirty (кај нас - 00:30 Тајна операција) режиран од Кетрин Бигелоу, а по сценарио на Марк Боал. За снимањето на филмот двајцата имаат дотогаш невиден пристап до вработени на ЦИА и оперативците кои учествуваат во ловот на бин Ладен, заради што и филмот ја претставува програмата за тортура на ЦИА како клучна за наоѓањето на првиот човек на ал Каеда.
Уште кога излезе, филмот беше критикуван дека е американска и конкретно пропаганда на ЦИА. Сега новиот документарец на Фронтлајн кој вчера беше емитуван на ПиБиЕс, го претставува филмот како полтичка фарса.
"Именуван 'Тајни, политика и тортура,' документарецот ги анализира напорите на ЦИА да се убеди конгресот и американската јавност дека нејзините 'напредни методи за испрашување' се одговорни за извлекување клучни докази од затвореници кои не соработувале, што пак ги довело до бин Ладен и останатите непријателски мети," пишува Питер Маас за Интерсепт.
Тој ја цитира авторката на Њујоркер Џејн Мејер "чие пишување за тортурата на ЦИА е за пример." Според неа ЦИА "е во бизнисот на заведување. А заведувањето на холивудски продуценти е далеку полесна задача отколку некои од луѓето со кои ЦИА треба да се справува."
Новинарот Мајкл Исикоф го надополнува овој став, објаснувајќи дека "филмови како 00:30 Тајна операција имаат големо влијание. Колку повеќе луѓе ги гледаат, толку повеќе своите впечатоци за она што се случило ги добиваат од филмови како овој, отколку од безбројните новински прилози и тв вести."
Документарецот доаѓа во исто време кога Лондон Ривју оф Букс ја објавува сторијата од 10.000 зборови на Сејмур Херш, за тоа што се случило во ловот на бин Ладен.
"Војската има едно правило дека првите извештаи секогаш се погрешни. Треба да ја запаметиме оваа лекција кога ќе ги добиеме првите извештаи за најновите воени и разузнавачки успеси - и вторите извештаи и филмовите. Добар дел од она што Пентагон го вели за спасувањето на војникот Џесика Линч за време на инвазијата на Ирак излезе дека е измислено. Медиумското прикажување на соборувањето на статуата на Садам Хусеин на плоштадот Фирдос е прилично доста спротивна на она што се случи додека маринците упаѓаа во Багдат на 9-ти април 2003-та. Слични проблеми веројатно постојат и во неделниве сведоштва за беспрекорното убиство на лидерот на ИД (или барем човекот за кој војската ни вели дека е лидер на ИД)," објаснува Маас.