Овој масакр од 13 мај 2005 во Андиџан, Узбекистан (поранешна советска република која стана независна како и Македонија во 1991), е типичен пример за парадоксалната војна на САД против тероризмот.
Ислам Каримов, којшто е на чело на Узбекистан од нејзината независност, а е поранешен претседател на нејзината комунистичка партија, се брендираше како пријател на САД по нападите од 11 септември, сојузник на Западот против цел спектар исламски екстремизам. Таква закана постоела и сè уште постои, особено во секуларизираните исламски држави како Узбекистан. Но диктаторите од старата школа, како Каримов, имаат обичај да ја пумпаат заканата, да ги прогласуваат сите дисиденти за терористи и потоа безмилосно да се пресметуваат со нив.
Како резултат на ова Узбекистан се придружи на коалицијата која со американските сили го нападна Ирак во 2003, и им дозволи на специјалните сили на САД да оперираат во Авганистан од узбечка авио-база. За возврат САД обезеди безбедносни гаранции и се согласи нивна цел да бидат и членовите на Исламското движење на Узбекистан, политички непријатели на Каримов.
Каримов во ова виде можност да ги згази своите политички противници. Забрани една исламска политичка партија посветена на мирот, Хизб ут-Тахрир, и ја обвини за „терористички" активности во земјата, чија економија се базира врз производство на памук, во кое главно учествуваат ниско платени и експлоатирани жени.
Сето ова кулминирало во Андиџан, кога Каримов во затвор заради наводен тероризам ставил 23 локални бизнисмени. Според извештај на ОБСЕ, утрото на 13. мај вооружени протестанти влегле во затворот кадешто биле држени бизнисмените и ги ослободиле. Зазеле и владини згради, како и градскиот плоштад, каде на микрофони зборувале за проблемите со корупцијата и неправдите. Каримовите војници, веројатно обучени од Американците, го блокирале плоштадот. Од шест наутро до вечерта пукале на толпата, од снајперски гнезда и од калашњикови.
Не се знае колку луѓе загинале- имало масовни гробници и список со над 700 исчезнати. Узбечката влада изјавила дека биле убиени 169 луѓе, меѓу нив ниту еден цивил, а еден пребеган разузнувач подоцна излезе со бројка од 1.500 жртви „Во акцијата беа ликвидирани само терористи", изјавил државниот јавен обвинител, при што Каримов бил во негова непосредна близина.
На денот на масакрот Стејт Департментот излегол со млака изјава („никој не треба да користи насилство бла бла...има избегано терористи од затворите"), а три дена подоцна со поконкретно обвинување на демонстраторите за вооружен напад на владини институции:
„Ова е таков вид насилство кое не можеме никако да го оправдаме...Никој не може да негира дека Узбекистан се соочува со проблем на тероризам од реални екстремисти кои се насилни, кои се обидуваат да ја сменат власта и да убиваат луѓе", изјавил портпаролот Ричард Баучер.
Во меѓувреме стотици узбечки бегалци ја преплавиле границата со Киргистан, плашејќи се за нивните животи. Високиот комесар на ОН испратил писма до Кондолиза Рајс инсистирајќи САД да им помогне, што предизвикало внатрешна тензија помеѓу Американците. Рајс наводно сметала дека помош треба да биде дадена, а Узбекистан да биде критикуван, но Рамсфелд и неговите сојузници во Пентагон ги дефинирале оние кои се бунтувале како „екстремисти кои бараат исламска држава, калифат, источен Узбекистан".
Рајс, како што и самата опишува во нејзините мемоари, ја добила битката, но Рамсфелд ја добил војната. САД им помогнале на бегалците да дојдат на безбедно во Европа. Но набргу Каримов им наредил на американските трупи да ја напуштат базата. Работите се смириле дури во 2012, кога Хилари Клинтон во својство на државен секретар го посетува Узбекистан, нудејќи му воена помош. И Конгресот полека попуштил пред состојбата со човековите права, одобрувајќи вреќи пари и воена опрема (дронови, возила отпорни на мини итн.) за Каримов, „за да ја зајакне способноста на оваа земја да се бори против транснационални и терористички закани".
Сета оваа помош, според Gawker, и денес оди кај деспотска централноазиска нација каде луѓето можат да бидат апсени, малтретирани заради долги (исламски) бради, а има и тотално ужасни наводи за мачења. Тоа е селективната меморија за жртвите на теророт на САД, заклучува текстот.