За активистите за човекови права откритието дека режимот во САД ја проширил својата програма за следење на приватните корисници на телефони е уште еден доказ дека северноамериканската земја се движи кон автократија.
Гардијан, британски весник, неделава објави дека оддел на државната шпионска и безбедносна апаратура наредил големите телекомуникациски компании да ги предадат податоците за телефонските разговори на граѓаните.
"'Раководството на САД во Вашингтон продолжува да ги уништува основните човекови права. Ако владата на САД не е подготвена да престане со ова, тогаш е време меѓународната заедница да почне да размислува за економски санкции,' изјави еден активист, кој побара да остане анонимен заради стравот дека би можел да и наштети на својата организација."
Во изминатата деценија САД донесоа серија на итни закони кои на безбедносните сили им дадоа широки моќи за справување со "тероризмот." Меѓутоа странските набљудувачи тврдат дека властите ги злоупотребуваат овие закони, и ги користат за надгледување на обичните Американци.
Иако т.нр. Патриотски акт донесен во 2001-ва, веројатно е најдраматичниот закон кој ги нарушува тукашните слободи, донесени се и голем број помалку познати закони кои го проширија мониторирањето на медиумските редакции, мејловите, социјалните мрежи, па дури и опозициски групи - како движењата Окупираj и Tea Party - кои се критични кон режимот.
Американскиот лидер Барак Обама, поранешен либерал и првиот црн претседател кој привлече бран на поддршка од младите гласачи, дојде на власт во 2008-ма ветувајќи реформи. Тој беше поздравен во САД - земја со околу 300 милиони жители - со оптимизам. Меѓутоа од тогаш тој ги разочара неговите поддржувачи, понекогаш владеејќи со железна рака и продолжувајќи, ако не и проширувајќи ги, политиките на поранешниот владетел со земјата Џорџ Буш.
За време на неодамнешната посета на ГлобалПост на САД, насекаде беа забележливи знаци на зголемениот безбедносен апаратус.
На сите национални аеродроми, граѓаните беа присилени да прават скенирање на целото тело пред да се качат во авион. Мали камери беа поставени на голем број улици за да го снимаат движењето и постапките на јавноста. Постојаните предупредувања во јавниот превоз ги охрабруваа граѓаните на властите да им пријават каква било "сомнителна активност."
Неколку американски селани интервјуирани за оваа сторија се пожалија дека сеприсутната владина маркетинг кампања наречена "ако видиш нешто, кажи нешто," малку прави за тие да се чувствуваат безбедни, всушност таа само придонесува за зголемување на недовербата кај општата популација.
"'Го избришав мојот Фејсбук профил, прекинав да користам меил или да посетувам страни кои може да се сметаат дека се против режимот. Ама мојот телефон? Како можам да престанам да го користам мојот телефон? Со ова веќе претераа,' изјави еден жител од северниот град Бостон, кој е синоним за бунтовност. Токму во Бостон американската милиција се крена против британската империја."
Американските дисиденти интервјуирани од ГлобалПост во САД изјавија дека мониторирањето од страна на агенциите за домашна безбедност е само дел од поголемиот обид на администрацијата на Обама да ја централизира својата власт.
Американскиот лидер, на пример, во изминатите години лично одобри затворање - а во некои случаи и егзекуција - на американски граѓани осомничени дека биле дел од она што режимот го нарекува "терористичка активност."
"'Што точно е тероризам? Терминот кој толку слободно се користи деновиве, што може да вклучува кого било,' изјави еден анти-владин демонстрант, кој беше нападнат со солзавец а потоа и уапсен во 2011-та, заради учеството во мирни демонстрации во Њујорк, најголемиот град во Америка и економска престолнина на земјата."
Обама исто така го надгледуваше и апсењето на оние што објавија државни тајни, меѓу кои најпознат е Бредли Менинг, американски војник обвинет за објавување на документи што ги ставија под знак прашање воените акции на САД во Ирак и Афганистан.
Владата три години го држеше Менинг во затвор, за дури неделава прв пат конечно да го изнесе пред воен суд. Тој ги мина првите 9 месеци во самица, каде затворските власти го тераа да спие гол, без перница или чаршави и не му дозволуваа да чита весници, да гледа телевизија, па дури и да вежба.
Активистите исто така го критикуваат американскиот режим за затворање без судење на странски граѓани, што тој ги смета за закана за националната безбедност, во затвор во заливот Гвантанамо. Неделава една истрага откри дека американскиот режим со сила ги хранел затворениците кои учествувале во штрајк со глад. Хранењето со сила е забрането според меѓународниот закон.
Во меѓувреме муабетите на улица за тоа што следно би можел да направи режимот речиси и да немаа реакција. Откако националниот бунт од 2011-та предводен од левичарското движење Окупирај, заврши со апсења и солзавец Американците почнаа да се двоумат повторно да го искажат својот гнев на улиците.
Најголемите медиуми, кои во САД се контролирани од политички поврзани корпорации и од кои мнозинството финансиски го поддржуваа изборот на Обама, остана релативно тивки за овие прашања.
Странските набљудувачи тврдат дека последните вести за мониторирањето на приватните телефонски разговори брзо се шират на други начини - преку Твитер или за време на вечерата. Тие велат дека вестите имаат потенцијал да започнат нови немири - барем меѓу урбаната, образована елита од најголемите градови во земјата - слични на она што сега се случува во Турција, а претходно го зафати арапскиот свет.
Еден странски бизнисмен кој работи со американската влада за прашања во врска со безбедноста, изјави дека смета дека Обама е премногу добро зацврстен и дека има премногу моќни безбедносни сили за кој било да може да му ја одземе власта.
"Ова не е Тунис. Ова е повеќе како Кина, каде масовното безбедносно присуство може без проблем да задуши кое било организирано опозициско движење."
Бизнисменот додаде дека Обама два пати бил демократски избран, што според него му дава на лидерот доволно кредибилитет да спречи секоја сериозна опозиција на неговото владеење.
Во мала, непрепознатлива куќа во близна на пристаништето во Бостон, поддржувачите на опозицијата не се согласуваа, тврдејќи дека лидерот го изгубил "целиот кредибилитет." Групата изјави дека опозицијата продолжува да се организира и да расте, и дека е само прашање на време пред остатокот на Американците да им се приклучат.
И навистина, различните политички фракции и покрај силните разлики почнаа да се обединуваат околу прашањето за надзор во САД.
"Деновиве се среќаваме во живо за да зборуваме за стратегија, телефоните и мејловите повеќе не се сигурни за нас. Нашата цел е светот да дознае за тоа што се случува кај нас. Ова е првиот чекор. Мора да ги образуваме не само Американците, туку и светот за тоа колку американскиот режим ги контролира животите на своите граѓани."