Растот на продуктивноста денес е помал во речиси сите земји на ОЕЦД отколку пред 50 години. Полоши се и демографските трендови, во поглед на зависноста од работоспособно население а полоши се и фискални позиции, со многу поголеми државни долгови и проектирани дефицити во однос на БДП; не само во САД.
„Политичката стабилност на САД е полоша од времето на Вотергејт,“ вели Ниал Фергусон во Бумберг.
На неодамнешно прашање „Дали мислите дека националната демократијата е во опасност од колапс?“, 69% Републиканци и исто толку Демократи одговориле позитивно.
Во описот на глобалната состојба задолжителни елементи се војната во Украина, енергетската криза, климатските политики, затегнатоста околу Тајван, но и Иран, кој е под медиумско светло заради слободарските протести на жените но малку се зборува за неуспехот да се оживее нуклеарниот договор со таа земја. А ниедна влада во Израел нема да се помири со нуклеарно вооружен Иран.
„На повидок е многу лошо сценарио во кое стануваме поблиску до ситуацијата во 1940-тата, со регионални конфликти кои можат да ексалираат во нешто како Трета светска војна; со помали армии на сцена но со многу повеќе оружје на кое не му требаат луѓе и со многу помоќни и попрецизни бомби“, предупредува Фергусон.
Во последното издание на „Националната безбедносна стратегија на САД“, поимот „натпревар“ се појавува 44 пати. Во 2017 година го имаше само 25 пати.
Обидете се да најдете разлика:
„Кина и Русија ја предизвикуваат американската моќ, влијание и интереси, обидувајќи се да ја нарушат американската безбедност и просперитет. Тие се решени да ги направат економиите помалку слободни и помалку фер, да ги развијат своите војски и да ги контролираат информациите и податоците за да ги репресираат нивните општества и да го прошират своето влијание“ (од американската безбедносна стратегија од 2017 година)
„Русија и Народна Репблика се обидуваат да го обноват меѓународниот поредок за да создадат свет погоден за нивниот високо персонализиран и репресивен тип на автократија“. (од американската безбедносна стратегија од 2022 година).
********
„Ќе работиме со нашите партнери за да се спротивставиме на неправедните трговски и економски практики на Кина и да го ограничиме нејзиниот посед на чувствителни технологии“. (2017 година)
„Мораме да обезбедиме стратешките конкуренти да не можат да користат базични американски и сојузнички технологии, знаење или податоци за да ја поткопаат американската и сојузничката безбедност.“ (2022 година).
*********
„Планот на Бајден за Русија може цинично да се опише како борба до последниот Украинец, но до која цел? Наводно, САД се решени да ја „поддржат Украина во нејзината борба за нејзината слобода“, но вистинската цел е „да се деградира способноста на Русија да води идни агресивни војни“. Затоа администрацијата не направи речиси никаков напор да посредува за прекин на огнот, а уште помалку за мир. Белата куќа се чини дека сака оваа војна да продолжи, нејасно е дали ќе остане така и после претстојните „mide-term“ избори во САД“, пишува Фергусон во Блумберг.
Санкциите кон Русија се користат и како „видете што може да ви направиме“ порака до Кина. САД не ни чекаа Кина да тргне на Тајван за да ја засилат економската војна, неодамна воведувајќи нови лимити за трансфер на напредни графички картички во Кина. Целта е со зголемување на трошоците за изработка на компјутерска технологија, да се осакати кинеската способност за распоредува вештачка интелигенција, и за нивната влада и за нивните компании.
Новите ограничувања не се ограничени на извоз на американски чипови од високата класа. Тие се прошируваат на сите напредни чипови направени со американска опрема. Ова го вклучува речиси секој не-кинески извозник на таква стока, без разлика дали има седиште во Тајван или Холандија. Забраната се протега и на „американски лица“, во кои освен американски државјани, се вклучени и оние кои имаат само зелен картон.
Најнеобичното во врска со овие мерки е колку малку коментари предизвикаа во медиумите. Како што рече Едвард Лус во Фајненшел Тајмс:
„Една суперсила ѝ објави војна на голема сила и никој не забележа“.
Трамп немаше направено ништо толку радикално.