„Со години Русија функционираше како еден простран супермаркет за најразлична стока продавајќи го она што му беше потребно на ненаситниот свет: не само енергија, туку и пченица, никел, алуминиум, па и паладиум,“ пишува Блумберг.
Иако останува тоа дека и покрај парите што се преливаат санкциите сериозно го нарушија секој кредибилитет на Русија на глобално ниво, исто така останува и тоа дека се додека овие пари се влеваат во земјата Путин може комплетно да ја игнорира штета од санкциите и блокади во сите други полиња.
Процените на Блумберг се дека дури и по санкциите и откажувањето од руски гас и нафта, годинава руските приходи од енергенси ќе бидат околу 285 милијарди долари. Ако на ова се додаде и другата стока, сумата е сосема доволна за да надомести за 300-те милијарди долари во странски резерви што и беа замрзнати на Русија.
„Лидерите на ЕУ знаат дека треба да престанат да купуваат од Русија и дека индиректно ја финансираат разорувачката војна на прагот на Европа.
Меѓутоа и покрај сите амбиции, националните влади исто така знаат дека ќе има реперкусии за нивните економии,“ анализираат од Блумберг.
За сега руската нафта и гас вистински се блокирани само од САД и Британија кои и пред војната не беа нешто вонредно зависни од руските енергенси.
Европа е во кошмарна позиција да мора да купува руски енергенси, бидејќи ако целосно ја блокира Русија и излезе на отворениот пазар, тоа ќе ја зголеми побарувачката за енергенси од други производители, што само ќе предизвика дополнителна криза на пазарот и дополнително ќе ја зголеми цената што би ги постигнале руската нафта и гас. Од друга страна со понатамошното купување руски енергенси, ЕУ го финансира руското ширење на нови пазари (Кина и Индија), кое треба да обезбеди безболно префрлање на нив во моментот кога Европа целосно ќе се исклучи од руските енергенси.
Во исто време Русија продолжува со извозот на пченица, по исто така кризно високи цени, а за земјоделски санкции против Русија никој нема кажано ни збор бидејќи на светот му треба житото.
Моменталниот трговски суфицит на Русија за првите четири месеци е 96 милијарди долари, што е најголемата сума од 1994 (од кога се најстарите податоци), и се должи на спектакуларниот извоз, и забраната за увоз на западни производи наметната од самиот Запад.
Посебна гордост на Русија периодов стана и воскреснувањето на рубљата, која по првичниот пад, кој требаше да заврши катастрофално, сега во однос на доларот и еврото се врати на нивоа од пред една деценија и се тргува некаде околу 60 рубљи за евро / долар.
За Блумберг сериозен пропуст на санкциите е што држави како Индија и Кина немаат ни најмала желба да ги почитуваат, па, со одредени попусти, увезуваат рекордни количества руска нафта и гас. Во 2022, до сега, Индија има купено над 40 милиони барели руска нафта, што е 20% повеќе отколку во цела 2021.
Кина освен што купува руска нафта за трошење, е во преговори да ги пополни своите стратешки резерви на нафта со руско гориво.
Друга гранка за која речиси и да не се зборува е рускиот извоз на метал и јаглен (кокс), кои во април пораснаа трет месец по ред и станаа два пати поголеми во споредба со минатата година. Тука повторно голема улога одигра Кина на која и беше дозволено нарачките за руски јаглен и нафта да ги плати во јуани.
„Најголемото мнозинство од светот не е вклучено во санкциите против Русија.
Трговијата ќе продолжи, потребата од горива се уште ќе постои, и купувачите од Азија или Блискиот Исток ќе ја пополнат празнината,“ изјавил првиот човек на Еразмус центарот за стока и трговија од Ротердам, Воутер Џејкобс.