Како се одвиваше најголемата подморничка битка во историјата

Франција е главниот губитник откако без ниту едно испукано торпедо заврши со загуба на подморници од 90 милијарди долари, како колатерална штета во битката беше начнато и НАТО каде се очекува повредата и проблемите од неа допрва да метастазираат, навидум како победници излегоа САД, Австралија и Британија, а целиот судир само дополнително ја накостреши Кина.

Само две недели пред бомбастичната вест, високи министри од двете држави се сретнаа и објавија дека се „посветени на соработката“. Како сето ова толку многу тргна на лошо?

Две недели пред Франција да се пожали дека и „бил зариен нож во грб“, двајца високи француски министри се сретнаа со своите австралиски колеги, Марис Пејн и Питер Датон, на средба која требаше да биде знак за се посилните врски меѓу двете држави.

Заедничката изјава што ја објавија сега изгледа извонредна имајќи ги предвид настаните што следуваа. „Двете страни се посветени на продлабочување на соработката на одбранбената индустрија и унапредување на нивните способности во регионот,“ се наведува во изјавата. „Министрите ја подвлекоа важноста на програмата за идни подморници.“

Овој состанок - кој сега е клучен во тврдењата дека Франција била изненадена од она што администрацијата на Бајден го нарекува „најголемиот стратешки чекор што Австралија го направила со генерации“ - се случи преку видео конференција на 30 август.

Веќе на 15 септември австралиската влада формално ја извести француската влада - само неколку часови пред официјалното соопштение координирано со Вашингтон и Лондон - дека го раскинува 90 милијарди долари тешкиот договор со француската Навал групација, во корист на нов договор со САД и Британија за набавка на нуклеарни подморници.

„Имавме воспоставена врска од доверба со Австралија - оваа доверба беше предадена,“ изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, кој беше дел од овие очигледно оптимистички разговори со Датон и Пејн, од пред две недели.

Како тогаш најголемата австралиска одбранбена набавка толку многу скршна од планираното? И што правеше Франција зад сцените за да ја убеди Австралија да остане на проектот?

 

Има нешто во водата

За подобро да се разбере францускиот гнев треба да се вратиме наназад неколку години. На Австралија не и е прв пат да и се случи дебакл во програмата за подморници - туку изгледа како да и е дифолтна позиција.

Франција е вториот партнер на Австралија што бил изгорен од владиниот пристап за наоѓање замена за застарените подморници од класата Колинс.

Тони Абот имаше близок работен однос со јапонскиот премиер, Шинзо Абе, и беше познато дека е желен Јапонија да ја изгради австралиската флота на идни подморници.

Меѓутоа либералните пратеници на Јужна Австралија уплашени за работните места на бродоградилиштата во оваа сојузна држава, го наметнаа ова прашање за време на внатрешните дискусии пред Абот да се соочи барање за внатрепартиско гласање за лидерската позиција на парламентарното мнозинство во февруари 2015. Абот вети „процес на компетитивна евалуација“ со цел да ја придобие поддршката од пратениците од Јужна Австралија како би го попречил гласањето.

Владата специфицираше дека разгледува опции за дизел-електрични подморници, не за нуклеарни подморници, за кои во тоа време не веруваше дека има капацитет да управува со нив и да ги одржува. Згора на јапонскиот предлог, владата исто така ги разгледуваше понудите од германски француски наддавачи, со нагласок на зачувување на бродоградителските работни места во Австралија.

Во 2016, наследникот на Абот, Малком Турнбул, објави дека француската ДЦНС, сега преименувана во Навал групација, е избрана „како наш префериран меѓународен партнер за создавање на 12 идни подморници, што е предмет на дополнителни дискусии и комерцијални прашања.“

Беа потребни години за да се финализира сеопфатниот стратешки договор, а главниот ревизор откри дека австралиската влада го „зголемила ризикот кај оваа набавка“ со тоа што одлучила да оди со решение по мерка наместо да купи подморници од редовно производство.

Владините претставници стануваа се позагрижени од одложувањата, скокот на трошоците и проблемите за обезбедување на посигурни гаранции за позначајна вклученост на домашната индустрија.

Од надвор, сепак, изгледаше дека има напредок: во март годинава, Пејн, актуелниот министер за одбрана, изјави дека владата успеала да испреговара стратешки договор за партнерство со компанија која била задолжена „да потроши најмалку 60% од вредноста на договорот во Австралија за време на траењето на целата програма.“

Сега се дозна дека најмалку 18 месеци во австралиската влада се одвивале тајни разговори околу потенцијалниот „план Б“, што ги разгори француските тврдења за предавство, дури и кога Скот Морисон инсистираше дека тој однапред бил искрен и работел со добра волја за да се решат проблемите околу набавката.

 

Дејствувај брзо и длабоко

Првиот чекор, од гледиште на австралиската влада, беше да се утврди дали друга опција е изводлива. Малку е веројатно дека Морисон ова го издигнал на политичко ниво со САД додека Доналд Трамп се уште беше претседател и додека Австралија се уште беше во процес на проучување.

Меѓутоа Морисон направи серија на измени на персонал кои му дозволија да го направи ова вртење од 180 степени, покрај растечката кинеска наметливост и дали проектот ќе ги обезбеди капацитетите што австралиската влада веруваше дека и се потребни.

На почетокот од годинава, Морисон тајно организираше комисија фокусирана на бродоградба, а тој самиот се постави за претседател. Ова комисија требаше да го храни со податоци националниот безбедносен комитет. Нивните заклучоци вклучуваа и следење на тоа дали проектите како оние за идни подморници се на добар пат да ги испорачаат договорените резултати.

Морисон исто така го назначи поранешниот претседател на Националниот советнички борд за бродоградба, проф. Дон Винтер, како специјален советник на премиерот. Винтер е поранешен секретар на американската морнарица кој претходно има спроведувано други ревизии на проблематични одбранбени проекти на австралиската влада. Винтер исто така беше претседател на надзорниот панел за време на оригиналниот процес за избор на градител на подморниците во 2016.

Комодорот Тимоти Браун, генералниот директор на министерството за одбрана за подморнички капацитети, исто така доби таен проект за истражување на „неопходните капацитети за подводно војување“ вклучително и подморниците.

Тој ја почна оваа работа за првиот човек на морнарицата откако владата во средината на минатата година го објави своето надополнување на одбранбената стратегија - документ кој предупреди дека „натпреварот, присилата и воената модернизација кај големите сили го зголемуваат потенцијалот за и последиците од погрешна пресметка.“

Секретарот на министерството за одбрана, Грег Мориарти, првично се обиде да го блокира појавувањето на Браун на сослушување пред Сенатот во јуни оваа година, меѓутоа нему му беше дозволено да присуствува еден ден подоцна и да даде само општи детали околу својата улога.

Во тоа време, Мориарти инсистираше дека владата беше „апсолутно посветена на наоѓање начин за пеглање на разликите со Навал групацијата“ за решавање на предизвиците околу програмата за подморниците, меѓутоа потврди дека во исто време се одвива и „претпазливо планирање на непредвидени ситуации“.

 

Немирно море

Се верува дека тајните разговори околу планот Б се интензивираат во март или април, првично меѓу Австралија и Британија.

Борис Џонсон им се придружи на Морисон и Џо Бајден на трилатерален состанок на маргините на Г7 самитот во Корнвол во јуни годинава, каде лидерите разговарале за плановите за одбранбена соработка и австралиското барање за споделување на чувствителна подморничка технологија во поширока смисла.

Неколку дена подоцна Морисон се среќава со францускиот претседател, Емануел Макрон, во Париз. Загриженоста околу подморничката програма е клучна тема на дискусијата. Зборувајќи со новинарите кратко потоа, Морисон не го исклучува напуштањето на проектот кога ќе се оствари следната клучна цел од договорот, меѓутоа остава впечаток дека проблематичните точки се во процес на решавање.

Морисон изјавува дека тој го почитува тоа што францускиот претседател „зема многу активна улога“ во решавањето на прашањата околу договорот. „Претседателот Макрон и јас имаме многу, многу отворена и многу транспарентна, и многу пријателска врска во која можеме директно да зборуваме еден со друг за овие прашања,“ изјави Морисон во тоа време.

Морисон неделава инсистираше дека тој бил „многу јасен“ за време на овие разговори со Макрон дека има „многу реални прашања“ околу тоа дали конвенционалните подморници се најдобар избор во променливата стратешка средина во Индо-Пацификот. Се уште не е јасно колку директно е искомуницирана оваа загриженост, меѓутоа во јавните забелешки на Макрон од тоа време нема никакви знаци на вознемиреност. Макрон изјави дека француските подморници ќе ја „засилат позицијата на Австралија и ќе придонесат кон сувереноста и стратешката автономија на Австралија.“

Се знае дека еден од резултатите на тој состанок е што Франција, во обид да ја увери Австралија дека проектот нема да доцни, треба да испрати писмо до Австралија во кое ја потврдува својата посветеност на временските рамки и испораката.

Извор од австралиската влада изјави дека писмото пристигнало, но доцнело. „Ако не можат да испорачаат писмо на време, како ќе испорачаат 12 подморници на време,“ изјавил изворот.

 

Премалку и предоцна лобирање

Дури и Франција да не сфаќаше дека Австралија навистина ќе го напушти целиот проект, изгледа како да и беше јасно дека таа има проблем со јавното мислење во Австралија. Во јуни, Навал групацијата го ангажира Дејвид Газард, поранешниот советник на премиерот Џон Хауард и на министерот Питер Костело и близок пријател на Морисон, за „обезбедување на услуги за односи со владата“.

Компанијата на Газард, ДПГ адвајзори солушнс, беше ангажирана да „обезбеди односи со владата и советување вклучително организирање на состаноци и комуникација меѓу Навал групација и соодветните страни во Австралија, вклучително и федерални политичари и министри во австралиската влада.“

Поранешниот министер за одбрана од либералите, Роберт Хил, и поранешниот лидер на лабуристите, Сајмон Крин, исто така беа ангажирани годинава за да дадат совети за вклучување на стратешки страни.

Меѓутоа обидите за контактирање на пратениците се верува дека биле релативно „површни“, и на крај, сето тоа не менува многу во исходот.

Инсајдерите објаснуваат дека затоа што владата паралелно брка две опции, со тоа што конечниот договор за АУКУС пактот е потпишан дури неодамна, владата и понатаму го бара најдобриот можен договор со Франција, во случај американската опција да не успее.

Заменик-адмиралот Џонатан Мид, кој исто така беше вклучен во ревидирање на програмата за подморниците, пред три недели по барање на Морисон патува за Вашингтон.

По состанокот со колегите од Кабинетот во средата, премиерот во четвртокот наутро зборуваше со колегите до партијата, откако јавно беа објавени деталите за драматичниот нов правец на земјата. Тој изјавил дека жали што порано не можел да бидат информирани, затоа што преговорите биле крајно доверливи.

Една од причините за француската вознемиреност со она што се случи неделава, е затоа што земјата има искуство во изградба на нуклеарни подморници но почнала да работи на дизел-електрични подморници врз основа на оригиналните спецификации на австралиската влада.

Австралиската верзија на приказната е дека француската нуклеарна опција предвидувала комплексна работа на средина од работниот век на подморницата, што значи дека ќе има потреба Австралија да има понапредна домашна нуклеарна индустрија. Клучната предност кај САД и Британија е нивната волја да ја споделат својата технологија.

Датон во петокот ја бранеше одлуката на владата, изјавувајќи дека Австралија „ги разгледувала опциите што ни се достапни“ и дека „Французите имаат верзија која не е супериорна на онаа што ја имаат САД и Британија.“

„Нa крајот одлуката беше донесена врз основа на тоа што е најдобро за нашата национална безбедност и за преовладувачката безбедност и мир во Индо-Пацификот,“ порачал Датон.

Неуспешната набавка изгоре над 2,4 милијарди долари и веројатно ќе чини уште стотици милиони долари за раскинување на договори. Остануваат голем број неодговорени прашања околу новиот план за изградба на најмалку осум нуклеарни подморници во Аделаида, меѓутоа првите од нив најверојатно нема да бидат во вода барем до 2040-та, вечност во регион кој австралиската влада предвидува дека ќе биде се по проблематичен.

Морисон за едно австралиско радио изјави дека го разбира разочарувањето на француската влада, „тоа е целосно разбирливо и разумно и едноставно ќе мора да работиме преку него.“

19 септември 2021 - 15:20