Според израелските власти, успешноста на системот е некаде меѓу 75 и 95 проценти, бројка која е без преседан кога е во прашање ракетната одбрана.
Главниот проблем е што да погодиш ракета во лет, со друга ракета е стварно, стварно тешко.
За време на првата Заливска војна, Патриот системот имаше стапка на успех од 97%. Меѓутоа, кога подоцна беше подетално анализирана целата ситуација се покажа дека добар дел од Скад ракетите едноставно се расипувале сред лет и паѓале без да бидат допрени од Патриот ракети.
Без разлика дали треба да собори Скад или некој од помалите Град или Касам ракети, системот треба да задоволува три основни потреби:
- мора да има начин да детектира и да следи надоаѓачки проектил
- мора да може да ги искористи податоците од траекторијата на овој проектил, за да го предвиди неговиот курс
- мора да може прецизно да влезе во патеката на тој проектил.
Кај Израел дополнителен проблем е што сето ова треба да го направи многу брзо, бидејќи проектилите доаѓаат од оддалеченост од само 30 километри.
Железната купола ги задоволува трите барања неверојатно добро. Почнува со радарските станици кои можат да откријат летала или артилериски проектили кои се движат кон израелскиот воздушен простор. Траекторијата на проектилите инстантно се испраќа кон главната контрола на системот, која инстантно составува балистички профил на проектилот - каде е, колку брзо се движи и каде ќе биде. Системот и неговите контролори потоа носат одлука - дали овој проектил е закана за населена област или ќе заврши во некое поле или друго место кое не е закана за луѓето. Речиси две третини од проектилите кои беа испукани од Газа, припаѓаат во втората категорија и нив системот ги остава да експлодираат.
Во случај ракетата да се смета за закана, радарот ја испраќа информацијата до соодветната против ракетна батерија (секоја е вооружена со 20 пресретнувачки проектили Тамир). Батеријата ги користи сите анализи за проектилот и неговата траекторија, по што ги испалува Тамир ракетите.
Уште една предност на Железната купола во однос на Патриот е огромната процесорска моќ што ја има системот за обработка на податоците на непријателските ракети, која не му беше достапна на американскиот систем.