Иако и Франција и ЕУ и САД на половина уста признаваат дека Саудиска Арабија е еден од главните спонзори на светскиот тероризам, тоа не им пречи да легнат во кревет со непријателот.
На церемонија во Елисејската палата која била планирана да помине дискретно, францускиот претседател Франсоа Оланд му го доделил престижното одликување Легија на честа на саудискиот крунисан принц Мохамед бин Најеф.
Ваквата чест му била укажана заради "залагањата во борбата против тероризмот и екстремизмот", појасни нешто подоцна саудиската новинска агенција СПА.
Да видиме што знае Западот за ова прашање:
"Саудиска Арабија е клучен извор за финансирање на бунтовнички и терористички организации уште од 1970-та година", стои во извештај на Европскиот парламент од 2013-та година во која се наведува дека земјите како "Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт замижуваат пред големите и богати донатори кои ги финансираат терористите преку хуманитарни и религиозни организации" а САД се многу добро запознати со оваа финансиска мрежа.
Во протечен документ од 2009-та на Стејт Департментот а потпишан од Хилари Клинтон отворено се признава дека "донаторите од Саудиска Арабија се најзначајниот извор на финансирање на сунитскиот тероризам на глобално ниво".
"Саудиска Арабија е клучна финансиска база за поддршка на Ал Каеда, Талибанците и други терористички групи," открива американски документ обелоденет преку Викиликс
Па сепак, шефот на Франција, земја која се гордее со својата долга и суштинска секуларност, решава да му оддаде една од највисоките државни почести на висок претставник на овој тирански теократски режим (види: "Европа мора да престане да увезува имами од Саудиска Арабија") кој непречено и бескрупулозно ги руши дури и сопствените крвави рекорди.
А не се само донаторите од Саудиска Арабија одговорни за финансирање на екстремистичките групи: самиот режим во последиве три децении има инвестирано најмалку 100 милијарди долари за извоз на радикалниот Вахабизам.
Што тогаш би можело да биде причина за ваквиот, на прв поглед несфатлив потег на Франција?
Само една кратка назнака на извештај на Асошиетед Прес е доволна за да се дојде до одговорот:
"Двете земји се сојузници во сирискиот конфликт а Саудиска Арабија е еден од најголемите купувчи на француска воена опрема."
Лани во јуни Франција и саудиската монархија потпишаа 12 милијарди вредни договори, главно за оружје и воена опрема. Година дена претходно, режимот купи француско оружје вредно 3 милијарди долари.
Американскиот сатиричар и музичар Том Лерер своевремено изјави дека "политичката сатира стана одвишна откако Хенри Кисинџер доби Нобелова награда за мир" (за попис на неговите злодела види ја статијата "(Донт) Кил Кисинџер". Ништо помалку перверзна е и оваа ситуација, кога левичарски претседател на секуларна европска држава ќе прогласи за витез на честа принц на брутален режим кој е матица на сите злотвори кои делуваат во името на Исламот.