Првиот човек на британската дипломатија порача:
„Што се случи со довербата и идеалите на европскиот сон? ЕУ беше создадена за да ја заштити слободата. Советскиот сојуз беше оној што ги спречуваше луѓето да си заминуваат.
Лекцијата од историјата е јасна: ако го претвориш ЕУ клубот во затвор, желбата да се излезе од него нема да исчезне туку само ќе расте - и ние нема да бидеме единствени затвореници кои сакаат да избегаат.“
Вака необѕирната споредба не помина ни најмалку фино кај поранешните членки на Советскиот сојуз, а денешни припадници на Унијата, па летонската амбасадорка во Британија го потсети Хант на искуството што нејзината држава го имала во СССР и сега го има во ЕУ.
„Советите убија, депортираа, прогонија и затворија стотици илјади жители на Летонија по нелегалната окупација во 1940, и ги уништија животите на 3 генерации, додека ЕУ донесе просперитет, еднаквост, раст и почит,“ напиша амбасадорката Браже на Твитер.
Претходно Најџел Фараж ја обвини ЕУ дека ја „бајпасирала демократијата“ а на колегите ЕУ-пратеници им порача дека речиси никој од нив немал „вистинско вработување“. Додека Фараж го имаше својот настап, остатокот од парламентарците почнаа да му се смеат, а дел и му го свртеа грбот.
Кога се уште се бореа да ја изнесат Британија од ЕУ, Борис Џонсон порача дека ЕУ е како Наполеон и Хитлер во однос на тоа дека се обидуваат да создадат европска супердржава. Тогаш тој изјави:
„Наполеон, Хитлер, разни луѓе, се обидоа да го направат ова, и тоа завршува трагично.
ЕУ е обид за истото но со поинакви методи. Меѓутоа она што базично и недостасува е вечниот проблем, а тоа е дека нема основна лојалност кон идејата за Европа.“
Осудата за изјавата стигна од партијата на Џонсон и од опозицијата, ЕУ премолчи.
Во времето кога станува министер за надворешни, Џонсон продолжува во истиот манир, овој пат напаѓајќи го тогашниот француски претседател, кој според него „сака да воведе камшикување за секој што ќе се обиде да избега од ЕУ, како во филм од Втората светска војна“. Реакцијата дојде од поранешниот белгиски премиер, според кој ваквите коментари се „одвратни и никако не помагаат.“
Меѓу заслугите на ЕУ во константното кошкање е постот на Инстаграм на Доналд Туск по состанокот во Салцбург на кој под сликата од него и Тереза Меј, коментарот е „Би сакале парче торта? Извинете, но без цреша одозгора.“ Ова беше дополнување на постојаните обвинувања од ЕУ, дека Британија за време на преговорите со Унијата постојано пребира (cherry-picking) што ќе задржи од привилегиите што ги има како членка.
Салцбург донесе уште една нестандардна реакција во која Макрон ги нападна брегзитерите дека се „лажговци“.
„Тие што објаснуваат дека може лесно да се живее без Европа, дека сè ќе биде во ред, и дека тоа ќе донесе многу пари, тие се лажговци,“ изјави Макрон алудирајќи на Џонсон и Фараж.
Малку посеирџиска беше изјавата на Јункер откако Борис Џонсон и министерот за брегзит си поднесоа оставка на само 48 часа по соопштението на Меј дека има поддршка од својот кабинет за Чекерс планот за брегзит.
„Ова очигледно покажува дека во Чекерс (седиштето на британската премиерка) имало единство на кабинетот,“ изјави Јункер кратко по оставките.