Европските музеи во изминатите години имаат наплив на туристи, пред се од новата средна класа која се создава во Азија и од Источна Европа. Ова предизвикува проблем со пренатрупаност на музеите со луѓе, што пак има ист ефект на просторот како и кога ќе се преполни која било дискотека - местото станува сауна.
Сето ова на куп преставува сериозен проблем за одржувањето и конзервацијата на уметничките дела, кои сега треба да бидат заштитени и од преголемата влага во музеите, создадена од потењето на посетителите.
Најдобрата опција што ја имаат музеите е ограничување на бројот на посетители во текот на денот, проблемот со ова решение е што тие не сакаат тоа да го направат, и што некои не можат да ограничуваат (Систинската капела има религиозно значење за католиците, па не може да се воведе граница).
Ватикан на пример, проблемот го решава со поставување на нов систем за климатизација во Систинксата капела, за да се заштитат фреските на Микеланџело од влагата генерирана од 2.000 луѓе кои во секој момент се во капелата.
Дел од музеите воведуваат и ограничено траење на посетата или влегување во група со водич.
Освен ова, гужвите создаваат проблеми и со директната заштита на уметничките дела, па така во Британскиот музеј во изминатите неколку години во гужвата беа скршени прстите на Венерата на Таунли, римска статуа од Првиот век.