Куциак и партнерката Мартина Кусниорва беа убиени во нивниот дом во Велика Маца. Претходно Куциак откри детално разработена шема која им дозволуваше на членови на италијанската Ндрангета кои живеат во Бугарија да добиваат милиони евра од европски фондови благодарејќи на блиски врски со високи функционери во словачката влада.
Неговиот извештај именува четири семејства (Вадала, Рода, Катропа и Кинате) кои отвориле дузини бизниси што работат со земјоделие, соларни панели, биогас, и недвижнини со цел нелегално собирање на пари од ЕУ фондови наменети за словачки компании.
По убиството на Куциак, оставка си поднесе словачкиот министер за култура, Марек Мадарич, иако тој немаше очигледна поврзаност со скандалот, како и двајца политичари именувани во текстот на Куциак, секретарот на националниот совет за безбедност, Вилиам Јасан, и асистентката на словачкиот премиер, Мариа Троскова.
Последниве двајца при оставката ги негираа обвинувањата од текстот на Куциак, според кого Троскова пред да стане асистентка на премиерот Роберт Фицо, била партнер во фирмата ГИА менаџмент, во сопственост на Антонио Вадала и Пиетро Катропа. Јасан пак работел како партнер во Продест, друга компанија во сопственост на Катропа.
„Пристигнувањето на Ндрангета во Словачка одговара на шаблонот на агресивно ширење на криминалната организација. Со годишни приходи проценети на 53 милијарди долари и стотици келии и соработници низ светот, има малку места на Земјата кои се вон дофат на Ндрангета.
Ндрангета е поделена на помали единици - наречени ндрина - кои се организирани околу едно семејство што доминира со конкретен град. Семејната структура го прави исклучително тешко инфилтрирањето во организацијата. За разлика од неаполската Камора, која функционира врз основа на заеднички правила и ритуали, недоразбирањата во Ндрангета најчесто се решаваат насилно со употреба на оружје.
... По колапсот на СССР Ндрангета почнува да се шири кон истокот, меѓутоа Словачка останува вон нивниот интерес се до крајот на минатиот милениум. Два неодамнешни извештаи од Калабрија детално го опишуваат планот за земање ЕУ фондови наменети за проекти во Словачка.
’Калабрија наскоро ќе ја изгуби својата водечка позиција за примање структурни фондови од ЕУ, и ќе биде заменета од посиромашните региони во земји од Источна Европа, вклучувајќи и Словачка.
Дел од семејствата дури изградија блиски врски со словачките политичари, ветувајќи им мито во замена за логистичка поддршка при поставување на нивните бизниси во земјата’,“ се објаснува во текстот на Ла стампа.
Куциак во својот последен текст пишува дека четирите калабриски семејства потекнуваат од малиот италијански град Бова Марина, од каде во 2003 се упатуваат во Братислава. Меѓу 2015 и 2016, клановите имаат собрано над 8 милиони евра во ЕУ фондови наменети за земјоделски развој во рурална Словачка.
Инаку, Куциак со своите информации за италијанската мафија и се обратил и на полицијата и бил подготвен да сведочи во суд, ама како што објаснува канадскиот новинар Том Николсон, кој работел со него „никој ништо не му одговори“.