Италија ќе врши "регистрација" на Ромите

Сите Роми ќе бидат регистрирани и класифицирани во регистер на Роми, најавува новиот италијански министер за внатрешни работи. Оние што не се се уредни документи, ќе бидат депортирани. Министерот уште и жали што не може со сите така.

Матео Салвини е лидер на анти-мигрантската Лига, партија која е помал партнер во новата коалициона влада на Италија. Од функцијата министер за внатрешни најави попис на Ромите за да се види „кој, колку и колку се“, информации кои ќе бидат собрани во единствен регистер.

Нерегуларните странци ќе бидат депортирани согласно договорите со други земји. „За жал. италијанските Роми ќе мора да ги задржиме“, го цитираат Салвини италијанските медиуми.

Салвини и неговата партија одамна им се имаат намерачено на Ромите чиј број се проценува меѓу 130.000-170.000 од кои се верува дека половината се регуларни италијански граѓани.

Лигата на Салвини веќе предложи законски измени со кои за Ромите се предвидуваат посебни услови за полесно одвојување на децата од нивните семејства ако се фатат дека не одат во школо, а самиот Салвини предложи нивните гета да се прегазат со булдожери обвинувајќи ги Ромите дека преферираат криминални наместо легални ангажмани.

20 јуни 2018 - 08:52