Идејата за инвазија почна да добива на поддршка со ширењето на фентанилот, од кој умираат / се предозираат по 150 Американци на ден. Иако состојките за фентанил се произведуваат во Кина, најголем дел од производството е во Мексико. До сега и двете држави ги отфрлаат обвинувањата на САД за нивната улога во кризата со фентанил во САД.
Освен дрогата, картелите се обвинети и дека имаат сериозен бизнис со шверцување на имигранти преку граница, што исто така е една од водечките грижи на републиканските кандидати.
Логиката со која се оправдува воената операција на мексиканска територија главно е „што би направиле кога ИСИС би убивал по 100.000 Американци годишно?“
„Јас ќе воведам поморско ембарго за нарко-картелите и ќе распоредам воени сили кои ќе наметнат максимална штета на функционирањето на картелите,“ порача Трамп во видео од пред почетокот на јуни.
Кон идејата на Трамп е наклонет и републиканскиот кандидат за претседател, сенаторот Тим Скот, кој порача дека ако тој е избран картелите „ќе престанат да постојат“. Неговиот план е да им го замрзне имотот, да изгради ѕид и ќе дозволи „најголемата војска во светот да се бори против овие терористи, бидејќи тие се токму тоа“.
Кандидатката Ники Хејли предложи испраќање на специјални сили за борба со картелите, на ист начин како што САД се бори против ИСИС на Блискиот исток.
Рон Десантис уште нема зборувано за директна воена акција против картелите, но минатиот месец спомена дека „мексиканските нарко-картели треба навистина да одговараат.“
И не така веројатниот републикански кандидат за претседател Вивек Рамасвами е на сличен памет изјавувајќи дека „треба да ја искористиме нашата војска за да ги уништиме мексиканските нарко картели и конечно да ставиме крај на кризата со фентанил.“
Освен што републиканските кандидати ја споменуваат оваа опција за решавање на проблемот со нарко-картелите, нивни сопартијци од Конгресот веќе имаат предложено закони кои ќе им дозволат на САД да започнат воена акција против картелите или ќе овозможи тие да се обележат како терористички групи, што пак ќе го отвори патот за употреба на воена сила.
Поумерените републиканци се на став дека треба да се преземе нешто за да се запрат картелите и опасноста што ја претставуваат за САД, меѓутоа не се баш за влегување во отворена војна со нив или инвазија на Мексико.
Експертите надлежни за Мексико објаснуваат дека за сега само се работи за политичка реторика за разгорување на претседателската кампања, меѓутоа не им е сеедно.
„Начинот на кој се дискутира го нормализира она што треба да биде многу абнормален предлог.
Веќе има последици по билатералните односи само од тоа што има објавено предлог,“ објаснува директорката за Мексико во Вашингтонската канцеларија за Латинска Америка, Стефани Бруер.
Мексико повеќе од една деценија е во отворена војна со нарко-картелите, која до сега не донесе некоја позначителна промена во однос на нивната моќ или капацитет да функционираат и да испорачуваат наркотици на американскиот пазар. Едно од контра обвинувањата од Мексико е дека тамошните картели главно се опремени со оружје од американско производство кое некако завршило на мексиканска територија, што значително ја отежнува војната против картелите.
За сега ставот на Пентагон е дека САД не треба да направи ништо на оваа тема без поддршка од Мексико.