Изминатите средби меѓу остатокот од човековата цивилизација и луѓето од Северен Сентинел се исполнети со застрелани посетители, избркани посетители, а неколку завршуваат и исцепени на парчиња со секира и обесени на дрво како страшила.
Еден од ретките успешни контакти со племето го има индискиот антрополог Трилокнат Пандит. Неговиот став е дека племето е составено од мирољубиви луѓе, меѓутоа нивното насилство е знак на голема несигурност.
Сето ова не им е базирано на фејк њуз кампањи туку на ужасни искуства кои се пренесуваат од генерација на генерација. Андаманскиот архипелаг, во кој се наоѓа островот пред, неколку векови константно привлекува ловци на робови кои постојано заробуваат припадници на нивните племиња и ги продаваат во југо-источна Азија. Од 1857, островите стануваат британска колонија, и затвор за оние кои учествуваат во Индискиот бунт, најголемото вооружено востание против британскиот колонијализам во Индија.
Меѓу мерките што ги преземаат англиските колонизатори за асимилација на тамошното насление, се киднапирање на неколку припадници на племињата и нивно неколку-неделно држење во заробеништво во окупираниот дел за да ги видат плодовите од британската цивилизација. Во еден од случаите киднапирани се двајца постари припадници на племето и четири деца. Заробениците, кои и до тогаш се изолирани, рапидно заболуваат, по што двајцата постари починуваат а децата се вратени дома со огромни количества подароци.
Домородците кои се решиле да го прифатат британското владеење и неговите плодови, или умираат од болести кои претходно не постоеле во нивните заедници, или завршуваат навлечени на алкохол, тутун, шеќер и други пороци од британските населби. Во 1858 Британците пребројуваат најмалку 5.000 домородци на островите од архипелагот, до 1931 нивната бројка паѓа на 460.
Дури и на еден тогашен командант на британската морнарица, Морис Видал Портман, му станува јасно како нивната цивилизација влијае врз домородците, па пишува:
„Контактите на племето со странци им донесе само штета и ми претставува голем болка што така пријатна раса толку рапидно изумира.“
Северен Сентинел се претпоставува дека има настрадано и во бомбардирањата за време на Втората светска војна.
Индиската влада од крајот на 1960-те се обидува да ги одоброволи домородците од Северен Сентинел фрлајќи пакети со подароци со кокоси, банани и железни шипки. Последнава ставка тие подоцна ја откриваат во врвовите на стрелите со кои повремено се гаѓани спорадичните истражувачи кои се обидуваат да го изучуваат островот и неговиот народ.