
По нападот врз Иран на 13 јуни, израелска владина пи-ар агенција платила десетици милиони реклами на платформата YouTube, прекршувајќи ја политиката на нејзиниот сопственик Гугл за забрана на „претставување шокантна содржина или промовирање омраза, нетолеранција, дискриминација или насилство“.
Во пропагандниот материјал нападот врз Иран се оправдува како неопходна одбрана на западната цивилизација. За бомбардирањето и изгладнувањето на Палестинците во Газа се тврди дека Израел спроведува „една од најголемите хуманитарни мисии во светот“.
„Иранската програма за балистички ракети не е само закана за Израел, туку и за Европа и западниот свет“, се тврди во реклама што за три недели ја виделе 1,5 милиони гледачи. „Иран развива ракети со дострел од приближно 4.000 км. Тоа ја става Европа во рамките на ударниот опсег на режимот“, се додава, додека графики го покажуваат целиот континент крвав, како по нуклеарен напад.
Други реклами го претставуваат Израел како доблесна жртва принуден на војна: „Иран пука балистички ракети врз болници, врз невини Израелци. Пациенти, лекари, новороденчиња. Додека Иран гаѓа семејства и деца, Израел одговара прецизно и погодува воени објекти. Ова не е војна по избор. Цел се оние што гаѓаат цивили и болници“.
Тврдењата се многу сомнителни. Во израелските напади беа убиени 935 Иранци, а во иранските 28 Израелци. Всушност, од октомври 2023 година, Светската здравствена организација документирала најмалку 697 израелски напади врз медицински установи, 24% од болниците во Газа се уништени или оштетени, а повеќе од 1.400 медицински лица се убиени. Според УНИЦЕФ, Израел убил или ранил над 50.000 палестински деца. Американска медицинска сестра која работела во Газа изјави за MintPress News дека војниците на ИДФ редовно пукаат во гениталиите на момчињата за да ги осакатат.
И покрај ова, израелските реклами ја претставуваат земјата како спасител на палестинскиот народ. Едно видео на Министерството за надворешни работи, со епска, инспиративна музика, го опишува Израел како презема „една од најголемите хуманитарни операции во светот во моментов“. Франческа Албанезе, специјалната известувачка на Обединетите нации за окупираните палестински територии, ја нарече рекламата „скандалозна“ и директно го обвини YouTube дека не смеел да ја дозволи.
Израелскиот буџет за односи со јавноста во странство порасна за повеќе од 2.000%, а Министерството за надворешни работи доби 150 милиони долари повеќе за јавна дипломатија.
Израелското Министерство за надворешни работи ги објавува своите видеа на англиски, француски, германски, италијански и грчки јазик. Словачка, Данска и Холандија ја добиваат англиската верзија. Израел избегнува да ги таргетира земјите чии влади формално ги осудија неговите постапки, како Ирска или Шпанија, не трошејќи ништо за да допре до тие популации.
Во Центарот за транспарентност на Google Ads видеата се појавуваат како платена содржина од Агенцијата за рекламирање на израелската влада. Малку од наведените милиони прегледи се органски. Петте верзии на видеото „Хуманитарна помош за Газа“, на пример, заедно имаат само неколку илјади „лајкови“ - едвај 1% од она што генерално би се очекувало од видеа со овој број прегледи - и само два коментари, наведува MintPress во својата анализа.
Другите видеа на YouTube каналот на Министерството за надворешни работи на Израел добиваат само десетици прегледи дневно, а не милиони. Во Грција на пример, рекламата што го претставува Израел како „добронамерен носител на живот во Газа“ собра над 1 милион прегледи за само четири дена, што е еквивалентно на речиси 10% од целото население на Грција. Нема ниту еден коментар.