Истрагата ја врши ЕУ канцеларијата против измами, ОЛАФ, која се фокусира на пристаништето во Пиреа. Нивниот заклучок е дека тамошните царници не успеале да спречат „софистицирана мрежа на прекугранични криминалци да избегнат царински и ДДВ давачки на големи количини обувки и облека“.
Процената на ОЛАФ е дека криминалците на овој начин успеале да избегнат царински давачки во износ од околу 2,5 милијарди евра, сметано од 2015 до мај 2018. На ова плус се парите што би требало да ги платат за ДДВ, кои изнесуваат далеку поголема сума.
Шемата потекнува од Кина, и вклучува голем број возачи на камион, лажни документи и анонимни менаџери кои преку телефон им даваат прецизни наредби на камионџиите за тоа каде треба да ја испорачаат стоката. Откако стоката ќе се стави во контејнери, на нејзе се лепат лажни декларации, кои и даваат лажно ниска вредност на стоката за увозниците да можат да ќарат на тоа што ќе избегнат високи царини и ќе платат далеку помалку отколку што треба.
По ова материјалите се товараат во камиони и се испраќаат во малопродажба во градови како Фиренца и Барселона.
Од ОЛАФ откриваат и дека кинеските криминалци формирале т.нр. „феникс компании“ за транспорт на стоката. Овие компании исчезнуваат во моментот кога властите ќе станат свесни за нивното работење, за по некое време повторно да се појават на друго место.
ОЛАФ за ова ја информира и Европската комисија, која меѓу другите обврски е одговорна и за финансиски да ја стегне Грција и приходите на земјата. По оваа основа тие ќе започнат посебна истрага да видат колку државата ги исполнувала своите должности кога се во прашање кинеските производи кои влегле од Пиреа.