
Неделава советот на Вестминстер (кој управува со најскапите области на Западен централен Лондон) реши дека ќе почне да се пресметува со "санта куќите." Името се однесува на новиот тренд на надградба во кој сопствениците копаат подруми длабоки и по неколку спрата со цел да надоместат за квадратите што не можат да ги имаат над земја (нив ги сметаат за "санти" затоа што над земја се гледа само мал дел од далеку поголемиот објект).
Овие домови се длабоки 3 до 4 спрата, а под земја имаат базени, гаражи со лифтови, бања, фитнес, кино и сместување за домашната послуга.
Иако ваквите градби не менуваат ништо во ликот на населбата, сепак тие сериозно го отежнуваат животот на комшиите. Самата нивна изградба трае далеку подолго заради целата земја што треба да се извади, што значи и долготрајна бука. Во исто време количината на земја што е извадена значи и помалку почва за впивање на дождот, што го зголемува ризикот од поплава.
Во иднина сопствениците на куќи ќе можат да имаат само едно ниво под земја (еден спрат) кој ќе покрива максимум 50% од просторот на градината.