Главните проблеми за Кембриџ аналитика започнаа откако британски Обсервер објави дека личните податоци на 50 милиони Американци и уште најмалку милион Британци биле собрани од Фејсбук и несоодветно споделени со Кембриџ аналитика. Подоцна Фејсбук призна дека всушност биле искористени податоци на 87 милиони корисници.
Иако негираат дека згрешиле што било или дека прекршиле какви било закони, од компанијата признаваат дека негативниот медиумски публицитет довел до затворање бидејќи ги изгубиле клиентите и не можеле да донесат нови.
„Во изминатите неколку месеци, Кембриџ аналитика беше предмет на бројни неосновани обвиненија и, покрај напорите на компанијата да ги коригираат ваквите тврдења, таа беше оцрнувана за активности кои не само што се легални, туку општо се прифатени како стандардна компонента на онлајн рекламирање и во политичката и во комерцијалната арена.
Како резултат на ова утврдено е дека повеќе не е можно да се продолжи со водење на бизнисот,“ се порачува во соопштението од компанијата.
Компанијата денес објави дека започнуваат процедура за затворање, инстантно ги прекинуваат сите операции и побарале да биде назначен надворешен управител кој во периодот ќе работи како независен администратор на Кембриџ аналитика. Паралелно со британската процедура, банкрот ќе биде спроведен и во американското претставништво на компанијата.