Европски црвен картон за зеленото

Има цела деценија како главните политичари низ Европа престанаа да ветуваат подобрување на  животниот стандард на нивните гласачи и наместо тоа, понудија планови тој да се ограничи. Очекуваа повисоките трошоци за живот и деиндустријализацијата да биде мазно прифатено затоа што сето тоа требаше да се прави во име на „спасување на планетата“ од климатските промени.

„Во 2023 година, тој елитистички зелен консензус се струполи на земја“, пишува Фрејзер Мајерс.

Растечкиот гнев кон „Net Zero“ изведе маса луѓе на улица; селаните протестираа во Холандија, Ирска и, неодамна, Германија. Револтот се покажа уште поголем кај гласачките кутии.

Холандија, на пример, долго време се сметаше за рационална земја, имуна на оние популистички бунтови што претходно го потресоа остатокот од Европа. Денес, таа е во првите редови на глобалната борба против зелените агенди на елитите. Холандските земјоделци четири години се во отворен револт против нивната влада. Пролетта,  земјоделците ѝ пркосеа на владината забрана да се домкнат со трактори до Хаг. Десетици илјади се собраа и порачаа: „Нема земјоделци, нема храна“.

Тие демонстрираа против строгите ограничувања на холандската влада за емисиите на азот - само една од многуте мерки за да се исполнат климатските цели на ЕУ. Според сопствените прогнози на владата, тоа со азотот може да доведе до затворање на околу 3.000 фарми.

„Не треба да сте земјоделец за да видите дека оваа зелена војна против земјоделството ќе има катастрофални последици - не само за егзистенцијата на оние што наскоро ќе бидат невработени земјоделци, туку и за општото снабдување со храна и за способноста на луѓето да се прехранат“, пишува Мајерс.

Холандските гласачи возвратија и на друг начин: прво масовно гласаа за аграрната партија која освои најголем дел од гласовите во сите 12 холандски провинции а потоа Герт Вилдерс постигна шокантна изборна победа, соборувајќи го својот прв ривал, Франс Тимерманс, архитект и лице на климатските политики на ЕУ.

Во Германија, спорот околу топлинските пумпи неодамна се закани дека ќе ја урне владата, во која Зелената партија е помал коалициски партнер. Со новиот предлог закон за греење, се забрануваше инсталирање на нови котли за нафта и гас. Наместо нив, задолжителни стануваат топлинските пумпи на електрична енергија и покрај фактот што тие во просек чинат 17.000 евра повеќе за инсталирање од обичен котел - дури и кога ќе се вклучат владините субвенции. По жестоката реакција, особено од десничарската популистичка АфД, на предлогот му се скратија големите амбиции, меѓутоа епизодата ѝ помогна на Афд да се качува на анкетите а Партијата на зелените, некогаш најпопуларната партија во Германија, сега е само на четврто место.

Во Обединетото Кралство, речиси пропаднатата Конзервативна партија успеа да украде ретка победа на дополнителните избори врз лабуристите, што го натера премиерот Риши Сунак да повлече некои од „нето нула“ политиките и да вети „попрагматичен“ пристап кон климатските промени.

Приближно во исто време, од другата страна на Ла Манш, францускиот претседател Емануел Макрон побара „пауза“ за новите правила за животната средина. Тој претходно ја научи лекцијата на потежок начин: во 2018 и 2019 година, еколошката такса за горивата ги поттикна едногодишните протести на жолтите елеци - најзначајниот јавен бунт во Франција од шеесетосмашките демонстрации.

2 јануари 2024 - 12:29