Главното барање на Шолц до колегите е откажување од задолжителното едногласно носење на одлуките, што до сега многу им користеше на различни земји членки да блокираат различни процеси, политики и одлуки.
„Центарот на Европа се движи кон Исток. Во оваа проширена Унија, разликите меѓу земјите членки ќе растат во однос на политичките интереси, економијата и социјалните системи.
Украина не е Луксембург, а Португалија поинаку ги гледа светските предизвици од Македонија,“ објаснува Шолц.
Тој ја повикува ЕУ „сериозно“ да го сфати проширувањето и веднаш да почне со спроведување на институционалните реформи за да се прилагоди на пристигнувањето на новите членки.
ЕУ го има запрено приемот на нови членки од 2013, кога беше примена Хрватска.
Токму обврската за едногласно носење одлуки, е главното оружје што го имаат помалите земјите членки на Унијата за да се спасат од самоволието на големите членки. Дури и одлуката за укинување на едногласноста ќе треба да биде донесена едногласно.
Шолц предлага постепено укинување на едногласноста, почнувајќи со одлуките за санкции и човекови права, кои би требало да се носат со квалификувано мнозинство, што значи да биде прифатено од 55% од земјите членки или од држави кои претставуваат најмалку 65% од популацијата на ЕУ.