Економистите немаат некоја издржана равенка за предвидување на економските последици од нападите, единствено ги имаат примерите од претходните вакви случаи. По нападите од 11-ти септември, бројот на патници на домашни летови во САД паѓа за 10%, а на меѓународните уште повеќе; по нападите во Мумбај од 2008-ма, страда туризмот во земјата; според економистот нобеловец, Гери Бекер, поставувањето бомба во израелски автобус во следните денови го намалува бројот на патници за 30%.
"Но на макро ниво, влијанието е едвај забележливо. Кон крајот на 2001-ва голем број економисти тврдат дека нападите од 11-ти септември дополнително ќе го втурнат САД во рецесија. Всушност земјата само што излегуваше од рецесија, и драматичните настани никако не влијаеа на економското закрепнување.
Меѓутоа во Шпанија ситуацијата е комплетно поинаква кога нападите се повторуваат во краток временски период. Тогаш го плаќаш цехот за стравот. Студијата во Баскија, на чија територија речиси 30 години се случуваа константни терористички напади во кои имаше над 800 жртви, проценува загуби на капитален приход од 10%.
Повеќекратните напади во Египет и Тунис очигледно го поткопаа потенцијалот за раст на двете земји. Ама повторно, овој пример не може да се наметне на Франција - барем не за сега. Нема докази дека земјата ќе биде мета на серија напади како оние што ги преживеаа Баскијците и Тунижаните. И иако серијата напади може да влијае на туризмот, локалците нема да престанат да јадат или да одат во музеи.
Можеме да зборуваме за тоа дали Франција е во војна политички или воено, а за сега тоа не е случајот и кај економијата," пишува Жан-Марк Витори во текстот за Ехо.