Во ЕУ за десет години се дуплирал бројот на сексуални напади

Откако канцеларката Ангела Меркел во 2015 ги отвори вратите за мигрантите, двојно се зголемил бројот на сексуални злосторства во Европската Унија, покажува ново истражување. Силувањата се зголемиле за 150%. Најкритична е ситуацијата во Шпанија, каде што странците се непропорционално претерано застапени како извршители на насилните дела.

Во периодот од 2015 до 2024 година биле регистрирани околу 1,9 милиони сексуални злосторства во членките на Европската Унија, се наведува во извештај на три британски организации - Кампањата за независна Британија, Застанете за нашиот суверенитет и Facts4EU.

Авторите на извештајот забележуваат дека најострите зголемувања се совпаѓаат со почетокот на миграциската криза во Европа по бранот во 2015 година. Во следните десет години бројот на дела поврзани со сексуално насилство се зголемил за 94% и достигнале 256.302 во 2024 година.

Во истиот период биле пријавени 664.293 случаи на силувања, со регистриран скок од 150% од почетната до крајната година опфатена со истражувањето.

Дефинициите и практиките за пријавување на сексуални напади и силувања варираат во зависност од земјата, но за најдраматична се смета ситуацијата во Шпанија. Таму во изминатите десет години пријавите за сексуални напади се зголемиле за 322%, според податоци на Евростат од крајот на април. Во 2014 година биле пријавени 1.239 случаи, а во 2024 дури 5.222. Во последните пет години случаите на силувања се зголемиле за 143% - од 2.143 во 2019 година на 5.206 во 2024 година.

Притоа странците се непропорционално и претерано застапени како извршители на насилните дела. Извештај на демографската опсерваторија CEU-CEFAS покажа дека странците, кои сочинуваат 31% од затворската популација во Шпанија, извршуваат 500% повеќе силувања и 414% повеќе убиства во споредба со шпанските граѓани. Највисоки стапки на криминал се забележани кај Арапите и Латиноамериканците. Тоа се поврзува со огромниот прилив од имигранти – повеќе од 3,8 милиони во изминатата деценија.

Слична е застапеноста на странци одговорни за сексуални злосторства во Германија, каде што по 2018 година бројот на силувања се зголемил за 72%.

Статистичката канцеларија на Евростат истакна дека има постојан пораст во последните десет години, со просечен раст од речиси 10% годишно за сексуално насилство и 7% за случаите на силувања.

Британските организации го објавија извештајот како предупредување до премиерот Кир Стармер, кој најавува „ресетирање“ на односите со Европската Унија.

Враќањето на слободното движење на луѓе во која било форма би можело да го увезе истиот бран насилен криминал од Европа, предупредуваат групите.

14 мај 2026 - 12:49