Црна магија во кабинетот на Зеленски

Андриј Јермак, десната рака на Зеленски, редовно се консултирал со гатачка пред да назначува високи државни функцинери, објави специјалното обвинителство што го истражува корупцискиот скандал од десетици милиони долари. Јасновидката позната како Вероника „Фенг шуи“, според обвинителите, била главен гатач и гуру за црна магија во кабинетот на претседателот.

Пред речиси секоја одлука за назначување високи функционери, Јермак се консултирал со Вероника Аникјевич, попозната според професионалното гатачко име „Фенг Шуи“. Тој ѝ ги испраќал датумите на раѓање на кандидатите, а таа гатала и му давала одговори.

На таков начин биле назначени Олег Јуријович Татаров за заменик-шеф на кабинетот на претседателот и Игор Василијович Лиси за шеф на Одделот за државни работи. Некои од функционерите избрани преку гатачката сè уште се на позиција.

Истрагата утврдила дека Јермак периодично се консултирал со контакт „Канцеларија на Вероника Фенг Шуи“, кој бил идентификуван како Вероника Аникјевич. Потврдено било дека таа разменувала текстуални пораки со контактот „Андреј 2025“, како што бил запишан Јермак.

Тој ја прашувал гатачката и за антикорупционерите, политичарите и новинарите кои се против политиката на владата. Таа го советувала да се ослободи од своите политички и медиумски критичари додека има заштита од претседателот, објаснува Валентина Хребњук, обвинителка од Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО).

Ако не ги запрете, тие ќе добијат [моќ]. Ситуацијата е таква: или ти или тие, напишала Аникевич во една од пораките.

На судското рочиште, Јермак рекол дека не комуницирал со „никакви гатачи или пророци“.

Познавам неколку Вероники. Не можам да се сетам на нивните презимиња, одговорил кога обвинителите го прашале дали ја познава Аникјевич.

Локални новинари ја идентификувале Аникјевич како 51-годишна жителка на Киев, која се претставува како „консултант за астрологија“ и е регистрирана како „претприемач кој нуди индивидуални услуги“. На веб-страници за вработување има биографија со нејзино име во која се тврди дека има диплома за „финансиска анализа, контрола и менаџмент“.

Јермак е обвинет за перење на 460 милиони гривни (10,5 милиони долари) преку луксузни градежни проекти за изградба на затворениот комплекс „Династија“ со луксузни вили во предградие на Киев. Обвинителството се сомнева дека вилите се наменети за луѓе од најтесниот круг на претседателот, но официјално не ги потврди гласините дека една е наменета за Зеленски. Семјон Кривонос од Националното обвинителство појасни дека Зеленски не е предмет на никакви истраги, бидејќи украинските закони не дозволуваат да се води истрага за актуелен претседател.

Сите обвинети во корупцискиот скандал ја отфрлаат вината.

Немам вили, имам само стан и автомобилот што го гледате, изјави Јермак пред новинари пред судско рочиште.

Сепак, судот денеска му изрече 60-дневен притвор и одреди кауција од 3,2 милиони долари за да се брани од слобода.

Немам толку пари. Мојот адвокат ќе работи со пријатели и познаници за да собере пари за кауција. Мојот правен тим ќе поднесе жалба. Ќе ги искористиме сите правни патишта за да ја бараме правдата и вистината, изјави Јермак за новинарите по одлуката на судот.

14 мај 2026 - 10:29