Британија и САД почнаа да редат санкции против Русија

Главнината на санкциите што ги објави Џонсон се против вообичаените ентитети: руските банки, овој пат речиси сите, милијардери на власт и околу Путин, и воената и нафтената индустрија. Нешто сличен список извади и Бајден.

Списокот на санкции што Џонсон го објави во британскиот парламент е следниот:

- Целосно замрзнување на имотот на сите големи руски банки, вклучително и ВТБ, втората по големина банка во Русија, со имот од 154 милијарди фунти.

- Исклучување на руските банки од британскиот финансиски систем.

- Руските државни и приватни компании нема да можат да го користат британскиот финансиски систем за земање нови кредити.

- Сумата на пари што Русите ќе можат да ја имаат во британските банки ќе биде ограничен.

- Санкциите важат и за Белорусија.

- На Аерофлот ќе му биде забрането да лета во Британија.

- Ќе биде воведена контрола на извоз, слична на онаа што ја имаат воведено САД, што значи забрана на извоз на чипови и слична високо-технолошка опрема како Ролс Ројс авионски мотори или опрема за нафтената индустрија.

- Забрана извоз на производи за двојна употреба (опрема што може да се користи и од цивили и од војската на Русија), како електрични компоненти или делови за камиони.

- Санкционирање на нови клучни олигарси чиј имот исто така ќе биде замрзнат. Списокот на имиња ќе биде објавен во претсојните недели. За сега се знае дека таму ќе бидат, поранешниот зет на Путин, Кирил Шмалов, кој најмладиот руски милијардер; заменикот претсдател и претседател на бордот на ВТБ банката, Денис Бортников, и директорот на  руската авионска и одбранбена компанија, Јунајтед еркрафт корпорацијата, Јуриј Слијусар.

Следната недела во британскиот парламент треба да бидат изгласани законите за спроведување на санкциите.

Џонсон се обидел да ги натера останатите европски лидери да се согласат на исклучување на Русија од СВИФТ меѓутоа се очекува дека тоа нема да му успее. Од членките на Г7 Џонсон за ова добил поддршка само од Канада.

Британските парламентарци побарале од Џонсон да размисли да го убеди НАТО за воведување на зона на забранети летови над Украина, на што британскиот премиер изјавил дека ја „разбира привлечностса на зоната за забранети летови“, меѓутоа наметнување на истата врз Украина би значело „соочување со ризикот да се соборуваат руски авиони“ нешто што тој препорачува пратениците „да го размислат со доста внимание“.

Либерал-демократите го критикуваа Џонсон дека санкциите требало да ги опфатат и двата енергетски гиганти на Русија и носители на голем дел од рускиот буџет Роснефт и Газпром. Роснефет е во делумна сопственост и на Бритиш петрол.

Џонсон порачал и дека Британија е подготвена да и даде засолниште на украинската влада.

Неполн час подоцна во Вашингтон пресконференција имаше американскиот претседател кој го осуди Путин и ги објави мерките што САД ги презема за зауздување на руската воена машинерија.


Американските санкции се:

- Исклучување на првата и втората по големина руска банка (Сбербанк и ВТБ) од финансискиот систем на САД. Двете банки се избрани чисто заради нивниот обем и критичноста за рускиот банкарски сектор. На Сбербанк отпаѓа една третина од имотот на вкупниот банкарски сектор во Русија, а на ВТБ една петина.

И на двете банки ќе им биде замрзнат целиот имот што е во допир со американскиот финансиски систем и ниту еден американски државјанин нема да смее да работи со нив. Двете банки заедно имаат 45 подружници.

- Блокирани ќе бидат уште три големи руски финансиски институции: Банката Откритие, Совкомбанк ОЈСЦ и Новикомбанк и нивните 34 подружници. По основа на играње важна улога во рускиот финансиски систем и тие се целосно исклучени од американскиот финансиски систем.

- Забрана за земање нов долг за 13 најкритични руски компании и ентитети. Од овие 5 се банки, плус Газпром, Газпром нефт, Транснефт, Ростелеком, Росхидро, Алроса, Совкомфлот, и Руска железница. Сите овие нема да може да позајмуваат пари преку американскиот пазар „кој е клучен извор за генерирање капитал и приходи“.

- Санкции за неколку припадници на руските елити и високи функционери, плус нивни деца: Сергеј Иванов, Андреј Патрушев, Игор Сечин, Андреј Пучков, Јуриј Солвиев, Галина Улјутина и Александер Ведјакин. На овие лица им е укинат пристапот до американскиот финансиски систем, замрзнување на целиот имот што го имаат во САД и забрана за патување во САД.

- Во белорускиот пакет на блокирани има 24 поединци и физички лица, вклучително две државни банки и девет одбранбени фирми.

- Санкции против руското министерство за одбрана кои ќе опфаќаат забрана за извоз на речиси сите американски производи и производи од држави за кои се користат одредени американски технологии или софтвер.

- Забрана за извоз на висока и модерна технологија, софтвер или опрема во Русија, вклучително чипови, телекомуникации, енкрипција, ласери, сензори, навигација, авијациски и поморски технологии.

- Фонд од 50 милијарди долари за сите држави кои ќе се придружат во санкционирањето на Русија и лишување од напредна технологија.


Со предложените санкции се опфаќаат 80% од банкарскиот имот во Русија.

Запрашан зошто не ја исклучи Русија од СВИФТ, Бајден одговори дека санкциите што ги предложил за руските банки ќе имаат речиси исти последици, ако не и повеќе, дополнувајќи дека тоа секогаш останува опција „ама сега тоа не е позицијата што остатокот од Европа сака да ја преземе“.

Освен за Русија и Путин, на прес-конференцијата Бајден ги потсети и домашните нафтени компании дека не треба да ја искористуваат ситуацијата за кревање на цените на нафтата, и дополните дека ако треба ќе пушти во оптек дополнителни барели нафта од стратешките резерви.

 

24 февруари 2022 - 19:28