Држави во кои се гонат бившите

Поранешниот претседател на САД и неговите сојузници оценуваат дека серијата истраги со кои се соочува Доналд Трамп, особено претресот во неговиот имот Мар-А-Лаго, се нешто што им прилега на „банана држави“. Постојат чесни исклучоци, но, има тука нешто.  

Латинска Америка е регионот во кој најмногу се гонат и ставаат во затвор државници откако ќе ги напуштат позициите. Во Перу, секој кој им бил претседател меѓу 1985 и 2018 година бил уапсен или против него бил покренат судски процес.

Во Африка пак постои тренд лидерите да посегнуваат по трет мандат, само затоа што останувањето на власт е сигурен начин да не завршат зад решетки.

Добар дел од судбините на бившите можат да се сретнат и во актуелните вести:

  • На поранешниот пакистански премиер Имран Кан му виси над глава апсење за тероризам заради нешто што го кажал на митинг.
  • Поранешниот мелезиски премиер Наџик Разак речиси сигурно ќе заврши во затвор после скорешната пресуда за корупција.
  • Бразилскиот екс претседател Луиз Да Силва учествува на избори откако пресудите за корупција беа отфрлени а и Бенјамин Нетанјаху ја води својата партија на избори додека му трае процесот за корупција, што тој го оценува како „лов на вештерки.“
  • Јавниот обвинител во Аргентина неделава побара 12 години затвор за екс-претседателката Кристина де Кирчнер, иако таа во моментов има имунитет како потпретседател.

Во најмалку 76 држави во светот, лидери кои ја напуштиле позицијата после 2.000 година биле гонети или завршиле во затвор.

Некои од нив се и од богатите демократии.

Како на Трамп, и на Саркози му беше претресуван домот откако ја напушти функцијата и тој лани беше осуден за две одделни дела, па сега е на апелација.

Јужна Кореја го осуди бившиот претседател Парк Геун-уе на 24 години затвор за корупција но беше помилуван од неговиот наследник откако отслужи пет години.

Во Тајван, екс претседателот Чен Шуи-биан во 2009 година беше осуден за поткуп.

Најдебело портфолио има Силвио Берлускони кој цели три децении е по судови а едно време му беше и привремено забрането да се кандидира заради пресуда за избегнување данок. Ама ене го, на 85 години, на следните избори во Италија тој повторно ќе биде „кинг-мејкер“, пишува Политико.

26 август 2022 - 12:00