Потенцијалното отворање на нови фронтови на руска територија ќе ја присили Русија да повлече дел од своите сили и на тој начин ќе ги ослабе руските позиции на главниот фронт, што треба да биде искористено од Украина. Плус сериозно би го ослабело имиџот на Путин во Русија, како семоќен бранител на земјата.
Проблемот во денешната ситуација е што за разлика од претходните ситуации кога оваа тактика успевала, Путин е владетел кој располага со нуклеарки и повеќе пати има повторено дека ако дојде до тоа ќе ги употреби.
„За сега светот, вклучително и неговиот сојузник Кина, го убеди Путин дека нуклеарната ескалација нема да биде толерирана. Меѓутоа руската доктрина предвидува користење на атомско оружје кога постои директна закана за руската држава. Бидејќи Путин се изедначува себе си со руската држава, тој можеби ќе одлучи дека веќе нема што да изгуби, и да ги искористи нуклеарките,“ пишува Андреас Клут во текстот за Блумберг.
Проблем е и тоа што Украина своите успеси во војната ги должи на користењето на западно оружје, кое до сега земјата го добива под ветување дека нема да припари на руска територија. Стравот на НАТО е дека употребата на западно оружје на руска територија ќе ја вовлече Алијансата во судир со Русија што би можело да заврши со Трета светска војна. Дури и само да им помириса на ваков исход дел од западните држави би можеле веднаш да ја прекинат помошта за земјата.
Тоа што Украинците би можеле да го изведат со оваа стратегија, а притоа да не бидат кабает и да не ги престрашат своите спонзори, е директно да го нападнат Крим, полуостровот кој Русија го анектираше во 2014.
Ваквиот план има неколку крупни слабости, пример тоа што Украина ги нема потребните ракети со голем домет, ниту поморските сили неопходни за освојување на Крим, а и да ги има целата операција скапо ќе ја чини во изгубени војници.
Една од опциите што ги има е да пробие преку Запорожје до Азовото море и од таму да го нападне мостот што го спојува Крим со Русија и служи како главна артерија за снабдување на полуостровот. Пробивањето на Запорожје и стигнувањето до Азовото море ќе ги отсече и сите руски сили во Херсон, и ќе ги направи руските позиции таму и на Крим неодбранливи на долг период.
„Со малку среќа, Путин во тој момент ќе одлучи дека му е доста од војна и неволно ќе седне на преговори, некако спинувјаќи ја дома специјалната воена операција како успех.
Наспроти ова, ако Путин се најде под воен притисок во Русија, тој нема да може да се прави дека победил во што било. Тој ќе мора да притисне со наративот дека ја брани Русија од странските непријатели.
Па Украинците не би требало да ја напаѓаат Русија, ниту да поттикнуваат други, како анти-Путин руските паравојски да го направат тоа за нив. За Украинците е подобро јасно да му покажат на светот дека тие чисто ја бранат својата држава. Стратегијата мора и понатаму да биде да се освои глобална поддршка и се врати што е можно повеќе од Украина,“ пишува Клут.