Дали Илон ќе биде мостот меѓу Трамп и Ши?

Од една страна Маск е еден од најголемите донатори на претседателската кампања на Трамп, од друга страна тој е и еден од најповластените странски инвеститори во Кина, каде пак се произведуваат половина од сите Тесла автомобили.

Објаснувајќи ја поврзаноста на Маск со Кина, Блумберг пишува дека тој е веројатно единствениот странски инвеститор на кој му е дозволено целосно да ја контролира локалната подружница на својата компанија (нешто што не му е дозволено ни на Епл). Тесла во исто време е и првиот меѓународен производител на возила кој работи во Кина без партнерство со локален производител, луксуз кој го немаат ни Фолксваген, ни Генерал Моторс.

Во април тој се сретна и со кинескиот премиер Ли Цијанг, од кого побара дозвола за лансирање на софтвер за помош при возење. Токму Цијанг претходно му помогна на Маск да ја основа својата компанија во Кина, а подоцна, таму да ја отвори и  најголемата Тесла фабрика во светот.

Маск има и директно спротивна позиција околу Тајван од речиси сите други луѓе во орбитата на Трамп, која е многу поблиска со официјалниот став на Пекинг, односно дека островот треба да биде под контрола на Пекинг, и е против американски давачки за кинески електрични возила. Трамп, на пример се заканува дека ќе воведе 60% давачки на сите производи од Кина.

„Врската меѓу Тесла и Кина се базира на 'ко-зависност', каде Кина и е потребна на Тесла заради обемот на производство и софистицираноста на ланецот на снабдување, додека Тесла и потребна на Кина заради технолошкото лидерство.

Можам да видам како Маск станува клучната врска меѓу САД и Кина за голем дел од технолошките и трговските прашања во втората администрација на Трамп.

Маск најверојатно ќе го притисне Трамп да биде попријателски настроен кон прифаќањето на електрични возила во САД, што до сега не беше случај со Трамп,“ изјавил инвеститорот и основач на американскиот Интерконктед капитал, Кевин Шу.

Онаму каде што се поклопуваат Трамп и Маск е што претседателскиот кандидат најави дека е отворен кон изградба на фабрика за кинески автомобили во САД, а во исто време има изразено наклоност кон Ши и подготвеност да се договара со него. Трамп исто така изрази скептичност и кон обемот на американските одбранбени гаранции за Тајван.

Од друга страна и покрај успехот на Тесла во Кина, Пекинг останува сомничав кон Спејсикс на Маск и неговите врски со Пентагон, а официјалното гласило на кинеската војска, ПЛА Дејли, претходно предупреди за „варварската експанзија“ на сателитската мрежа на Старлинк, порачувајќи дека таа може да биде искористена од американската влада „опседната во својата потрага по хегемонија.“

5 ноември 2024 - 11:53