Смената на Чин е „важен инцидент кој влијае на меѓународната политичка динамика околу руската инвазија на Украина.“ Одлуката делумно е и превентивна пред средбата што во ноември ја имаат кинескиот и американскиот претседател.
Наводно сето ова почнува кога во мај годинава, Ли Хуи, поранешниот кинески амбасадор во Русија, оди во посета на Киев и се среќава со Зеленски. Средбата се смета за индикација за промената на расположението на Кина во војната меѓу Русија и Украина. Важно е и што посетата на Ли се случува во време кога Украина има силна полетност и се наоѓаа пред започнување на тогаш ветувачката контраофанзива.
Веднаш по средбата Зеленски со француски државен авион заминува на Г7 самитот во Јапонија, патување кое во голем дел мора да се случи преку кинеска територија и со кинеска дозвола, што покажува дека Кина сакала да соработува и да ја осигури безбедноста на украинскиот претседател.
Во текстот за Никеи, Катсуџи Наказава, објаснува дека во тој момент Русија почнува да стравува „за промени во глобалниот политички пејзаж, и дека Кина можеби остава впечаток дека ја поддржува Украина во име на постигнување мир.“
И покрај големата симболика на посетата на Ши Џинпинг на Русија во март 2023 (прво негово патување во странство по добивањето на третиот мандат), Русија не е лагодна со посетата на кинеската делегација во Украина.
Наказава смета дека Русија тогаш решава да удри на Чин, кого го смета за лично одговорен за испраќање на кинеската делегација во Украина.
„Русија го етикетира Чин како про-американски, бидејќи кратко време служи како амбасадор во САД пред да биде предложен за министер за надворешни работи. Па затоа 'препраќа внатрешни информации до највисоките ешалони во Пекинг дека Чин е силно осомничен дека е шпион на САД', објаснува извор запознаен со кинеско-руските односи, според кого дојавата била придружена со некакви 'докази',“ пишува Наказава.
Мај и јуни се прилично лош период за Русија која е во исчекување на контраофанзивата, а за време на истата, на 23-24 јуни, се случува и обидот за пуч на Пригожин. Еден ден по обидот за пуч на 25 јуни рускиот заменик министер за надворешни работи, Андреи Руденко оди во изненадна посета на Кина каде се среќава со Чин. Ова е и последен пат Чин да биде виден во јавност како министер за надворешни работи.
Тоа што Русија најверојатно го има испорачано на Пекинг се доказите за љубовната афера на Чин со една од најпознатите кинески ТВ презентерки, со која тој добива и дете со помош на сурогат мајка од САД. За аферата западните медиуми дознаваат дури по смената на Чин.
„По снемувањето на Чин, Кина брзо се враќа на своите про-руски позиции во однос на војната во Украина. Кина во исто време престанува и јавно да ги изразува своите намери за постигнување мир меѓу Русија и Украина,“ пишува Наказава.
Тоа што не е јасно е зошто Пекинг ја прифатил руската дојава, која може да се смета како мешање во внатрешните работи на земјата, а и не е нешто вонредно скандалозно за високи кинески функционери да имаат вонбрачни врски.
Претпоставката е дека при дополнителната истрага по информацијата од Русија, Пекинг открива дополнителни проблеми кои се далеку посериозни од неговата прељуба. Пример, дека љубовницата на Чин, може работела за американски служби и им пренела информации што ги има од Чин.
Пред да биде амбасадор и министер, Чин долги години работи како на протокол во кинеското министерство за надворешни работи и лично го придружува Ши на неговите дипломатски посети, плус тој е запознаен и со делови од приватниот живот на Ши. Заради ова најблиските соработници на Ши најверојатно инсистирале на отстранување на Чин, посебно што само неколку месеци подоцна треба да се одржи самит меѓу САД и Кина.
„Рускиот информациски бараж беше доволно моќен за да го збрише највисокиот кинески дипломат и да ја сврти глобалната плима во своја корист. Тоа исто така влијаеше и на кинеската позиција кон САД и последователно се претвори во сериозно домашно политичко прашање во Кина,“ порачува Наказава.